Постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски попознат како Палчо, првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска (14 г.) и Панче Жежовски (74 г.), ќе трае неколку месеци, информираат денес од Министерството за правда.
Оттаму појаснуваат дека постапката за екстрадиција од наша страна е иста за сите земји.
„Од дента кога се апсеше бевме во координација со СМПС-Интерпол, како и со ОЈО Скопје. Во 9:20 часот го добивме официјалното известување од МВР и отворивме предмет. Барањето за екстрадиција беше спремно, министерот го потпиша и истиот ден беше преведено. Пред тоа да го направиме, побаравме веднаш да биде задржан во притвор за екстрадиција“, велат од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда.
Палчо беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница. Тој е првооосмничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски – случај што ја потресе не само Македонија, туку и целиот регион.