Студентските стипендии се само една од мерките кои ги спроведуваат речиси сите држави во светот со цел да го олеснат и подобрат студентскиот стандард. Тие се доделуваат од буџетите на државите и се наменети за сите студенти кои студираат на прв или на втор циклус студии на некој од универзитетите во државата.
Иако покрај стипендиите на студентите им се потребни и низа други услови кои би требало да бидат на високо ниво за да стекнат подобро знаење и умешност, сепак играат голема улога во целиот студиски процес.
Кога би погледнале на светско ниво, постојат различни рангирања на универзитетите и државите но и на можностите кои тие ги нудат.
Но кога станува збор за стипендирање на студенти, секоја држава си има свој различен принцип и нуди различни можности.
Со цел полесно да се разбере како државите им помагаат на студентите, какви можности им нудат и како ги мотивираат, ТРТ Балкан направи една анализа за тоа како и дали земјите од Балканот ги стипендираат своите студенти.
Анализата покажа дека еден просечен балкански студент со висок просек може да оствари право на стипендија на додипломски студии во износ од 50 до 300 евра.
Во Северна Македонија студентите имаат можност да аплицираат за различни категории на стипендии. Според достапните податоци висината на стипендијата што ја добиваат македонските студенти изнесува 6.050 денари (98 евра), со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и оние за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, кои изнесуваат 18.000 денари месечно (292 евра).
Покрај можноста за стипендија, студентите во Македонија секој ден од понеделник до сабота добиваат и студентски оброк од 140 денари кој можат да го користат за купување приготвена храна и прехранбени производи.
Слична стипендија добиваат и студентите во Србија. Околу 20 000 студентите годишно добиваат по 13 000 динари месечен додаток (110 евра).
Во Хрватска пак, државните стипендии за студенти од областа на науката, технологијата, инженерството и математиката се исплаќаат на девет месечни рати во износ од: 2.260,35 куни (300 евра). Државните стипендии за студенти со понизок социо-економски статус се во износ од 1.506,90 куни (200,00 евра).
Според последните истражувања од 2018 година во Босна и Херцеговина успешните студенти можат да добијат стипендија во висина од околу 100 KM (51 евро) , додека во Црна Гора максималната стипендија изнесува 86 евра.
Во Албанија и Косово висината на стипендијата која ја добиваат успешните студенти е речиси иста. Податоците од 2022 година покажуваат дека во Албанија висината на стипендијата извесува 85 евра а во Косово 80 евра месечно.
Иако земјите од Европа се почесто стануваат сигурна дестинација за студирање, сепак и земјите од Балканот чекорат со забрзано темпо кон усогласување на условите за студирање.