Како и секоја година, така и оваа година муслиманските верници се подготвуваат за извршување на аџилакот како еден од петте главни столбови на исламот.
Исламските верски заедници во земјите од регионот ги објавија цените кои, за разлика од минатата година, уште повеќе се зголемија. Во продолжение, ТРТ Балкан ви дава преглед на трошоците кои верниците од регионот ги имаат околу организацијата на овој верски ритуал.
Северна Македонија најскапа
Исламската верска заедница на Република Северна Македонија најави најскапи цени за организирање на аџилакот, во споредба со другите земји во регионот, .
Ријасетoт на ИВЗ во РСМ на чело со Реис ул Улема Хфз. Шаќир еф. Фетаху одлучи аранжманот за аџилак во 2023 година да биде 6.550 евра (во кои се вклучени сите трошоци), додека престојот на аџиите на аџилак ќе биде 23 ноќевања во Мека, 5 ноќевања во Медина.
Во однос на зголемената цена, од ИВЗ истакнаа дека тоа се случува поради поскапувањето на сите цени и наметнувањето на ДДВ, што не било случај претходно. Минатата година аџилакот во РСМ чинеше 850 евра помалку, односно 5.700 евра.
Иако со високи цени, бројката е исполнета согласно квотата што ја одреди Министерството за аџилак на Саудиска Арабија. Годинава ќе има 2.030 патници од Северна Македонија до светите места за аџилак.
Поради поднесувањето на големиот број пријави, повеќе од три илјади луѓе не можат да ја исполнат желбата да одат на аџилак. Тие кандидати автоматски ќе се најдат на списокот за аџилак во 2024 година.
Босна и Херцеговина-втора најскапа земја
Ријасетот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, по исцрпниот преглед на сите сегменти од овогодинешниот аџилак и прифаќањето на сегашните цени на превозот, сместувањето и даноците во Саудиска Арабија, одлучи цената на овогодишниот аџилак да биде 6.463 евра по човек. Одењето на аџилак од Босна и Херцеговина лани чинеше 6.134 евра.
Во организација на Исламската заедница, според планираното, годинава на аџилак ќе патуваат вкупно 2.200 лица, од кои 1.960 се од Босна и Херцеговина и 240 од дијаспората.
Според планираниот распоред, првата група на аџилак ќе тргне на 13 јуни 2023 година.
Косово и Црна Гора со помал број и поевтино
Исламската заедница на Косово најави дека цената за одење на аџилак годинава ќе биде 6.350 евра. Оваа цена е одлучена на состанокот што го одржа Претседателството на ИВЗ на Косово, врз основа на цените на сместувањето, различните даноци во Саудиска Арабија и авионскиот превоз. Потсетуваме дека лани цената за одење на аџилак од Косово беше 5.700 евра.
Иако со повисоки барања, од Косово на аџилак ќе патуваат само 1.500 луѓе, бројка што соодведствува на визите обезбедени од Ријасетот на ИВЗ на Косово.
Цената на аџилак во Црна Гора годинава чини 6.300 евра или 1.100 евра повеќе од лани. Засега, сè уште нема информации за вкупниот број на заинтересирани, но од општата пракса изминатите години од Црна Гора патуваат не повеќе од 200 лица.
Министерството за аџилак на Саудиска Арабија најави дека оваа година нема да има ограничувања за возраста или други критериуми како што се вакцините против Ковид-19, кои требаше да се исполнат минатата година.