КОНЕЧНО Е ГОТОВО: Израел го прифати договорот за прекин на огнот со Хезболах, се огласи и Нетанјаху (фото)

Израелската влада одобри договор за прекин на огнот во војната со Хезболах во Либан, јавува Ројтерс од израелскиот канал 12, додека израелски функционер го потврди истото за Си-Ен-Ен.

Воениот кабинет, предводен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, претходно се состана за да го разгледа предлогот за прекин на огнот, кој, како што објавија медиумите, го испратија Соединетите Американски Држави и Франција. 

Според договорот, целосен и траен прекин на огнот ќе стапи на сила веднаш, а израелските сили ќе се повлечат во следните 60 дена.

Хезболах ќе ги повлече своите војници и оружје на 30 километри од израелската граница, до реката Литани.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху зборува по состанокот со шефовите на израелските безбедносни служби.

Тој потврдува дека прекинот на огнот е на маса и вели дека е горд на „истрајноста“ што ја покажале Израелците кои живеат на северот, а кои биле жртви на огнот на Хезболах преку границата со Либан. Премиерот вели дека ќе ги врати северните жители дома и ќе ги врати заложниците од Газа во одделен конфликт со Хамас.

– Вечерва ќе и’ претставам на владата план за прекин на огнот во Либан. Времетраењето на прекинот на огнот зависи од тоа што се случува во Либан. Ако Хезболах се обиде да нè нападне, ако се вооружи и ја обнови инфраструктурата во близина на границата, ние ќе нападнеме – јасен е Нетанјаху.