Коридорот 8, еден од десетте паневропски сообраќајни коридори, кој треба да ги поврзе Јадранско со Црно Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, за своето завршување ќе го почека зачленувањето на Македонија во Европската унија, најавија од Софија.
„Коридорот број 8 ќе биде реализиран кога Република Северна Македонија ќе биде дел од Европската унија, исто како што е дел од НАТО. Но, за ова мора да се почитуваат сите меѓународни барања и нашите договори што ги имаме меѓу нас“, изјави Кирил Добрев, бугарски пратеник и претседател на Комисијата за транспорт во Народното собрание.
Дел од коридорот ќе биде автопатот „Рила“ од преминот Ѓуешево на границата со Македонија до Дупница, кадешто ќе се спои со автопатот „Струма“, а ќе чини 1,5 милијарди евра, стана јасно на состанокот на експерти, пратеници и градоначалници на општини по должината на трасата со раководителот на Ќустендилската област.
Проектот за изградба на автопатот „Рила” датира од 1978 година, но досега не е реализиран, а работите најрано ќе почнат во 2027 година. Во иднина, тој ќе биде поврзан со автопатот „Струма” кај Дупница, со автопатот „Тракија“ кај Ихтиман и со автопатот „Хемус“ кај Своге.
Неговата изградба веќе се разгледува од стратешка и од одбранбена перспектива, беше кажано на состанокот во регионалната влада.
„Коридорот број 8 и автопатот ‘Рила’ не се само од економско значење, туку се и од одбранбено значење. Ова е исто така од големо значење за демонстрирање на подготвеноста пред нашите меѓународни партнери“, изјави експертот Мартин Јанев.