– Владата на Косово ја дополни одлуката за санкции против руската платеничка група Вагнер во согласност со одлуката на Соединетите Американски Држави кои ја означија како „транснационална криминална организација“ поради тоа што до почетокот на војната во Украина дејствуваше како инструмент на руската моќ во десетици земји.
Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими изјави дека санкциите против Вагнер групата се воведуваат со цел да се ослабат капацитетите на Руската Федерација да води војна против Украина.
– Поради оваа причина, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово предлага да се дополни и измени одлуката на Владата на Косово (од 16 мај 2022 година) за спроведување на меѓународните санкции воведени од САД, а кои ги спроведува нашата Република во однос на меѓународните обврски кон Групацијата Вагнер како и нивните соработници и други компании кои ја поддржуваат руската воена кампања“, рече Бислими.
Вагнер е платеничка војска основана во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, кој е близок до Кремљ. Групата е под санкции и на Европската Унија од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружените конфликти низ целиот свет.
Оваа група исто така е активно вклучена во војната во Украина, а од неодамна нејзините платеници се сметаат за значајна сила во напорите на Русија да ја преземе контролата врз Бахмут.
Владата на Косово претходно воведе санкции кон Русија во согласност со санкциите воведени од Соединетите Американски Држави и земјите од Европската Унија поради инвазијата на Украина.