Косово од Германија побара зголемување на улогата во регионот

– Заменичката на косовскиот премиер и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, која престојува во работна посета на Германија, разговараше со сојузниот министер за одбрана на Германија, Борис Пистрориус.

Клучни теми на нивниот состанок беа соработката на двете земји во зачувувањето на безбедноста и стабилноста во регионот, усогласувањето на одбранбената и безбедносната политика и интеграцијата на Косово во НАТО, соопшти косовското МНР.

Министерката Гервала го известила Писториус за безбедносната ситуација во Косово и во регионот, за континуираните заканувачки акции на Србите и за потребата од преземање брзи и одлучни чекори за зачувување на кревкиот мир во регионот. Таа побара зголемување и јакнење на улогата на Германија во регионот.

Гервала му се заблагодари на германскиот министер за одбрана за соработката во областа на безбедноста, особено за големата поддршка што Германија ја дава во изградбата на капацитетите на Косовските безбедносни сили, како и за долгогодишниот придонес на Германската воена мисија во рамките на НАТО на Косово (КФОР).

Во соопштението се наведува дека овој состанок е одржан пред посетата на германскиот министер за одбрана Писториус на Косово.