Костадиновска-Стојчевска и нејзиниот турски колега Ерсој потпишаа нов Договор за културна соработка

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска се сретна со министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој, со којшто потпишаа нов Договор за културна соработка меѓу двете земји. Во фокусот на средбата беа и изградбата на новиот Турски театар, активностите на културниот центар „Јунус Емре“, како и соработката со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.

Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Турција се одвиваат во духот на традиционалното пријателство и партнерство и во таа смисла, Договорот кој денеска го потпишавме со сигурност ќе ги продлабочи и онака добрите културни врски меѓу институциите од двете држави, ќе ја стимулира размената на авторите, репродуктивните уметници и ансамблите, ќе го поттикне користењето на ресурсите што се поседуваат, ќе го зајцврсти партнерскиот однос на институциите од државите и нивната соработка со меѓународните организации“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Двајцата министри, изразувајќи го задоволството од досегашната соработка, изразија подготвеност таа да продолжи преку реализација на уште многу нови иницијативи и проекти со кои ќе се интензивира соработката во делот на културата.

Министерката за култура на средбата нагласи дека Република Северна Македонија обрнува големо внимание на реализацијата на проекти со кои се унапредуваа дејствувањето на турската заедница во државава.

Еден од нив е проектот за изградба на нов Турски театар, со чијашто изведба турската заедница ќе добие театарско здание според светски стандарди. Објектот е веќе изграден до фазата затворена карабина, без фасада. Во таа смисла, на средбата го актуелизиравме прашањето за учеството на турската страна во комплетното завршување на објектот, имајќи го предвид потпишаниот Меморандум“, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Во тој контекст, таа изрази уверување и дека наскоро ќе се изнајде решение и за проектот за реставрација и адаптација на објектот Куршумли ан, за активностите на културниот центар „Јунус Емре“ и изрази уверување дека со поддршка од министерот Ерсој, наскоро ќе почне реставрацијата на објектот.

Костадиновска-Стојчевска, поздравувајќи го завршувањето на проектот за реставрација и конзервација на Султан-муратовата џамија во Скопје, ја истакна и одличната соработка со Турската агенција за соработка и координација – ТИКА со која досега се реализирани повеќе проекти од областа на заштитата на културните знаменитости, со посебен акцент на спомениците од османлискиот период.

Костадиновска-Стојчевска и Ерсој ја потенцираа и одличната соработка меѓу Националните комисии за УНЕСКО бидејќи со заеднички заложби се придонесува за промоција на традиционалните вредности кои се дел од светското кулурно наследство.