Коцевски за случајот Кочани: Нема „групно“ обвинение, секој осомничен е одговорен за своите постапки
Интерпелацијата е правно неоснована, политички мотивирана и претставува опасен преседан на мешање во независноста на обвинителската власт, оценува јавниот обвинител Љупчо Коцевски во својот официјален одговор доставен до Собранието.
Тој писмено одговори на интерпелацијата поднесена од шест пратеници од „Левица“, обвинувајќи ги за политичка злоупотреба и погрешно разбирање на функцијата што ја извршуваат.
Интерпелацијата, поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, содржи четири главни точки на обвинување: селективна истрага за трагедијата во Кочани, политички договор со премиерот Христијан Мицкоски, хаос во Високото обвинителство во Скопje и недејствување против урбаната мафија во Скопско.
Во врска со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 млади лица, Коцевски нагласува дека Јавното обвинителство не работи селективно и дека во истрагите се вклучени сопствениците, обезбедувањето, одговорните лица во неколку институции, па дури и високи полициски службеници.
„Нема „групно“ обвинение; секој осомничен е одговорен за своите постапки“, вели Коцевски, додавајќи дека е горд на обвинителскиот тим кој собрал голема количина докази за кратко време.
Тој тврди дека родителите на жртвите се детално информирани и дека се зајакнува довербата во обвинителството.