КОЈ Е АЛБАНСКИОТ ‘КРАЛ НА КОКАИНОТ’ !? Откриени досега непознати детали за Балканската мафија која ја снабдува Европа со дрога: “Тие се немилосрдни и брутални. Ако направиш грешка, убиваат…“ (видео)
Во популарен ресторан во пристаништето Гвајакил во Еквадор, еден од најопасните градови во светот, помошникот главен-уредник на Daily Mail, Стивен Рајт, се сретна со член на улична банда која соработувала со Албанци и е од дел од организацијата која ја снабдува Западна Европа со кокаин.
„Имав само 14 години кога на церемонијата на иницијација ме научија да убивам. Ми дадоа пиштол и ми рекоа да излезам на улица и да го користам. Застрелав некого, но не сум сигурен дали тој умре“, вака ја започнува својата приказна дотичниот член на бандата, кого за потребите на оваа репортажа решиле да го наречат – Јуниор. Имено, тој е помошник на Карлос попознат како „Ѓаволот“, кој е водачот на еквадорскиот огранок на озлогласената јужноамериканска криминална група „Латински кралеви“. Во исто време, тој е тесно поврзан со албанската мафија, која извезува дрога преку Панамскиот канал и северно преку Атлантикот до дистрибутивните центри во Белгија, Холандија и Шпанија.
Јуниор за Daily Mail изјавил дека т.н балканската мафија се етаблира во Еквадор.
Според него, членовите на албанското криминално братство почнале да пристигнуваат во Еквадор пред десет години, не долго откако левичарскиот претседател Рафаел Кореа донесе одлука странците да можат да останат во земјата шест месеци без виза. За албанските нарко-босови и нарко-дилери тоа било премногу добра прилика што не можеле да ја пропуштат и така ги поставиле темелите на својата структура.
Еквадор е сиромашна земја која се граничи со две жаришта на производство на кокаин – Колумбија на север и Перу на југ. Митото и корупцијата се присутни во сите сфери на општеството, особено во правосудниот систем и војската. Покрај тоа, многу лесно се доаѓа до оружје, како и луѓе кои се подготвени да убиваат за пари. Меѓу нив има дури и 12-годишници.
Албанските нарко босови се претставуваат како легитимни бизнисмени и инвеститори и користат лажни идентитети. Тие живеат во безбедни и богати населби, а слободното време го поминуваат во спортски сали, скапи ресторани и хотели. Многумина се населиле покрај пристаништето Гвајакил, место кое, според Канцеларијата за меѓународни наркотици на САД, е едно од главните логистички центри за шверцување на кокаин што продолжува кон Европа и остатокот од светот.
Јуниор тврди дека членовите на криминалната група „Латински кралеви“ во Гвајакил шверцуваат дрога со потекло од Колумбија и Боливија. Кокаинот се транспортира во контејнери од Еквадор до Европа и Велика Британија.
„Човекот задолжен за работа со Албанците е Карлос Ел Диабло („Ѓаволот“). Луѓето кои работат на пристаништата се платени за да им помагаат на криминалните групи. Во приватното бродоградилиште „Contecon“ има корумпирани работници. Тие се задолжени за заклучување и отклучување на контејнерите, како и обезбедувачи задолжени за камерите. Цената на кокаинот е 28.000 долари за килограм. Понекогаш во контејнерот влегуваат и 300 килограми, што е огромна сума пари…“, раскажал Јуниор за весникот.
„Ѓаволот работи со Албанци кои живеат во Гвајакил. Тие се среќаваат во трговски центри. Албанците се задолжени за стоката, тие одлучуваат колку кокаин ќе се прати… Тие не сакаат да ги поздравуваат кога не се ‘на работа’. Еден Албанец еднаш ми кажа: ‘Ако некогаш ме видиш надвор од оваа средба, не се познаваме. Не ме ни гледај’. Тие се немилосрдни и брутално ефикасни. Откако ќе го завршиш договорот со Албанец, немаш средба или контакт до следната трансакција. Ако згрешите, веднаш ве убиваат“, вели Јуниор за Daily Mail.
Албанската мафија во Еквадор често води лажни компании кои самите ги основале за да го сокријат кокаинот пред да биде транспортиран. Дилерите на дрога кршат и крадат контејнери со стока за легитимен извоз, а потоа во нив го кријат својот нелегален товар и користат „клонирани“ царински пломби, а откако контејнерите ќе пристигнат во Европа, кокаинот го отстрануваат од нив други банди задолжени за овој бизнис. Повеќето контејнери од Гвајакил одат во Антверпен во Белгија или Ротердам во Холандија, каде на одговорните лица таму наводно им се нудат огромни суми пари за да го замижат и премолчат шверцот.
Флоренс Ангеличи, портпаролката на Министерството за финансии на Белгија, изјави за Daily Mail дека заплените на кокаин во Антверпен надминале 100 тони до крајот на 2022 година, што е нов рекорд во една календарска година.
„Шверцерите се многу креативни и секогаш доаѓаат со нови идеи. Кокаинот, меѓу другото, може да се инјектира и во овошјето. Тој може да се стави во било што – секс играчки, храна за кучиња, дури и да се натопи во облека и да се извади подоцна. Европа е многу привлечна за шверцерите на дрога. Цената што можат да ја добијат овде е подобра отколку во САД“, изјавила таа за весникот.
Јуниор одбил да ги именува Албанците со кои соработувал. Тој не сакал да каже дали меѓу нив е и „Господин Биг“, озлогласениот Дритан Реџепи, таканаречениот „крал на кокаинот“ кој беше опишан како неприкосновен водач на албанската мафија. Тој сега има 40 години, а преку илегалната трговија со дрога собрал богатство од неколку милиони евра. Тој беше споредуван со мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман попознат како „Ел Чапо“, кој отслужува доживотна затворска казна во американски затвор со максимална безбедност.
Реџепи, кој беше осуден на 13 години затвор за трговија со дрога во Еквадор, беше предвреме пуштен на слобода. Од неговата затворска ќелија во главниот град Кито, тој наводно користел шифриран мобилен телефон за да ја координира „транснационалната криминална федерација“ на албанските шверцери на дрога позната како „Компаниа Бело“. Реџепи, наводно, наредил убиство на невин човек, откако ривалската албанска нарко банда украла кокаин вреден неколку милиони евра, кој тој го прошверцувал во Портсмут со контејнерски брод полн со банани. Жртвата, која беше киднапирана и убиена во Албанија, е брат на лицето кое наводно го изневерувало Реџепи за пратката со дрога.
Но, овој озлогласен Албанец сега исчезна од радарот во Еквадор. Новинарот на Daily Mail откри дека Реџепи добил син со Еквадорка, што му овозможило да аплицира за еквадорско државјанство. Ако тој го добие државјанството, тоа би значело дека не може да биде екстрадиран назад во Европа. Освен тоа, во родната Албанија, тој во отсуство е осуден на 25 години затвор за две убиства – од кои едното на полицаец – а осомничен е и за други убиства. По него трагаат и Италија и Белгија, а тој наводно има неколку лажни идентитети, поради што е тешко да се најде во трага.
Официјални лица за спроведување на законот во Еквадор признаваат дека не се сигурни каде е „кралот на кокаинот“ во моментов. По ослободувањето тој треба да се пријавува два пати месечно кај органите на прогонот, но се сомнева дека тоа го прави некој друг во негово име. Според началникот на Одделот за борба против наркотици, генерал Пабло Рамирез, во тек се истраги за партнерот на Реџепи кој отпатувал во главниот град на Колумбија, Богота.
„Реџепи веројатно спроведува или се враќа на нелегални активности преку својот партнер“, изјавил Рамирез за весникот.
Еквадорскиот државен обвинител, кому нарко бандите пет пати се обидоа да го убијат, вели дека само во 2014 година повеќе од 20 Албанци завршиле во затвор поради организиран криминал.
„Нивните корени во Гвајакил се растргнати, но тие сепак доаѓаат во тајност и се претставуваат како корпоративни трговци. Повеќето од овие Албанци се во роднинска врска. Албанците нормално не убиваат, за тоа ангажираат криминалци, сериски убијци. Албанците се „само“ извршители на злосторства“, објаснува тој за весникот.
Јуниор од почетокот на оваа приказна им пружил логистичка поддршка на Албанците, а тие му плаќале од 100 до 500 американски долари за килограм дрога. А со просечниот годишен приход во Еквадор од само 5.000 долари, тоа се многу пари и големо богатство.