КОЈ Е ТУНИЖАНЕЦОТ ШТО НАПРАВИ МАСАКАР ВО БРИСЕЛ !? Полицијата утринава го уби, пронајдено е и друго оружје, а тој требал да биде депортиран уште во 2021 година !?
Властите во Белгија во вторникот потврдија дека официјално е идентификувано лицето за кое се верува дека уби двајца шведски навивачи во понеделникот вечерта и кое беше застрелано во вторникот наутро. Сега и официјално е потврдено дека станува збор за лицето за кое државното правобранителство го наведува само името и првата буква од презимето – Абдесалем Л.
Поради трагичниот настан во Брисел, прекинат беше квалификацискиот натпревар за Европското првенство меѓу Белгија и Шведска.
Во вторникот полицијата го пронашла во кафуле во бриселската општина Шаербек, откако нешто пред осум часот добила информации од сведок, се вели во соопштението на белгиското државно правобранителство.
„Утринава нешто пред осум часот, сведок ја известил полицијата во Брисел дека го забележал наводниот извршител на нападот во кафуле во Шаербек“, се вели во соопштението.
Тој бил застрелан во престрелка, а по неколку обиди да го реанимираат, починал утринава во бриселската болница во 09:38 часот, потврди белгиското државно правобранителство.
Министерот за внатрешни работи на Белгија, Анелис Верлинден, потврди дека кај него е пронајдено автоматското оружје употребено во нападот. Анелис Верлинден додаде дека се уште не може да потврди дали сторителот на нападот дејствувал сам или имал помошници.
„Станува збор за сериозен напад на безбедноста на жителите на нашата земја. Федералното обвинителство ја истражува можноста сторителот на нападот да имал соучесници“, порача Анелис Верлинден.
Според првите елементи на истрагата, Абдесалем Л., за кој се претпоставува дека е атентаторот, е државјанин на Тунис, на возраст од 45 години, кој илегално живеел во бриселската општина Шаербек. Тој побарал азил во ноември 2019 година, кој бил одбиен една година подоцна. Но, потоа полицијата не успеала да го пронајде за да му го врачи решението дека мора да ја напушти Белгија. Полицијата го сомничи за трговија со луѓе, нелегален престој и напад на државната безбедност.
Тој е осомничен дека во понеделникот вечерта пред почетокот на фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шведска убил двајца шведски државјани, кои ги носеле репрезентативните дресови, а уште едно лице е тешко рането.
Анелис Верлинден вели дека полицијата го зголемила надзорот околу шведските дипломатски претставништва. Надзорот е зајакнат и околу продавниците на шведскиот ланец за мебел IKEA.
Се претпоставува дека овој терористички напад е одговор на серијата палење на Куранот, светата книга на исламот, кои се забележани во Шведска во последните години.
Засега нема докази дека сторителот, на кој било начин е поврзан со ситуацијата во Израел и на Блискиот Исток.