Крваво продолжување на конфликтот: Тајланд ја обвинува Камбоџа за воени злосторства, порака пристигнува од Пекинг
Министерството за здравство на Тајланд ја потврди смртта на 11 цивили, вклучувајќи ученици, откако камбоџанските сили отворија оган со тешка артилерија врз воена база и цивилни објекти, вклучувајќи ја и болницата во пограничната област.
Тајландскиот министер за здравство Сомсак Тепсутин го осуди нападот врз болницата, нагласувајќи дека ваквите дејствија претставуваат воени злосторства и ја повика Камбоџа да преземе одговорност и веднаш да го запре насилството.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Тајланд издаде остра изјава во која ја обвинува Камбоџа за повеќекратни прекршувања на меѓународното право, вклучително и поставување мини на тајландска територија во која беа ранети нејзините војници на 16 и 23 јули.
Во соопштението се вели дека утрово (24 јули) тежок артилериски оган погодил тајландска воена база, а потоа и цивилни населби, вклучувајќи ја и спорната болница. Како одговор, Тајланд го повлече својот амбасадор од Пном Пен и побара од Камбоџа да го стори истото со својот амбасадор во Бангкок, со што официјално ги намали дипломатските односи.
„Доколку Камбоџа продолжи со вооружени напади и кршење на суверенитетот на Тајланд, ќе бидеме принудени да ги зајакнеме нашите мерки за самоодбрана во согласност со меѓународното право“, се вели од Бангкок.
На терен, ситуацијата дополнително се влошува – видеата покажуваат пожарникари како гаснат пожар на бензинска пумпа во округот Кантаралак, а тајландски авион Ф-16 изврши воздушен напад врз цели во Камбоџа синоќа.
Од друга страна, камбоџанскиот премиер Хун Манет се обрати до Советот за безбедност на ОН, барајќи итна седница поради, како што изјави, „неиспровоцираните и намерни напади“ од страна на Тајланд врз камбоџанските позиции. Тој тврди дека станува збор за сериозна агресија што го загрозува регионалниот мир и стабилност.
Камбоџа, ве потсетуваме, е близок сојузник на Кина, а покана за смирување на тензиите и дијалог пристигна од Пекинг денес. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, изјави дека Кина одржува „фер и непристрасен став“ и ќе продолжи да игра конструктивна улога во смирувањето на ситуацијата.
Конфликтот меѓу двете земји трае со години, особено околу областа на древниот храм Преах Вихер, кој беше признат како камбоџанска територија од страна на Меѓународниот суд на правдата во 1962 и 2013 година, но Тајланд сè уште одбива да ја прифати таа одлука.