КРИЗА !? Русија планира значително помало производство на житарици оваа година

Русија планира да произведе 120 милиони тони житарици оваа година, објави денеска тамошното Министерство за земјоделство, што сигнализира значително помало производство отколку во рекордната 2022 година.

Според официјалните податоци, минатогодишната реколта произведе 157,7 милиони тони житарици, од кои 104,2 милиони тони пченица.

Не е јасно дали минатогодишната рекордна жетва е поврзана со освојување на територија во Украина, забележува германската агенција dpa.

Во декември, Министерството зацрта 125 до 127 милиони тони житарици за 2023 година, вклучувајќи 80 до 85 милиони тони пченица, со напомена, како што пренесува ТАСС, дека планираниот обем на производство треба да гарантира рамнотежа на интересите на производителите и извозниците и потрошувачите.

Министерството денеска објави дека сега планира да произведе 120 милиони тони житарици оваа година.

Русија е еден од водечките извозници на житарици во светот и нејзината жетва е важна за цените, потсетува dpa.