Лајчак во нова посета на Белград

Специјалниот претставник на Европската унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак денеска ќе престојува во Белград, каде ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Словачкиот дипломат доаѓа во Белград во пресрет на средбата меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, најавена за 16 ноември во Брисел.

На 7 ноември Лајчак ја посети Приштина, но не се сретна со косовскиот премиер Албин Курти, туку со неговиот заменик Бислими. Следниот ден тој се сретна и со лидерите на косовската опозиција.

Со Бислими и лидерите на опозицијата, Лајчак разговараше за нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), кој во Приштина и Белград, за Курти и Вучиќ на 21 октомври го донесоа „големата петорка“ – САД, ЕУ, Германија, Франција и Италија.

Нацрт-статутот, кој Западната петорка го опишува како „модерен и избалансиран европски предлог“, беше дискутиран и на одвоените средби меѓу Курти и Вучиќ со лидерите на ЕУ, Франција, Германија и Италија на 26 октомври во Брисел.

Вучиќ и Курти потоа одвоено разговараа со Лајчак, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и лидерите на Франција, Германија и Италија, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Џорџа Мелони, а потоа и со советниците на лидерите на трите најмоќни европски земји.

По тие средби, Борел изјави дека западните претставници „претставиле нов европски сериозен и избалансиран предлог“ за формирање на ЗСО и инсистирал страните да ја искористат таа можност, но дека договор меѓу лидерите на Србија и Косово „не е можно поради предусловите на секоја од страните, кои за другите беа неприфатливи“.