Специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, соопшти дека со премиерот на Косово, Албин Курти и главниот преговарач на косовската страна во дијалогот, Бесник Бислими, се договориле за спроведување на сите досегашни договори Косово-Србија, пренесе ТРТ.
Лајчак, кој синоќа со Курти и Бислими имаше деловна вечера, на социјалните мрежи објави дека имал „отворени и интензивни разговори“ со нив.
„Денеска се вратив во Косово за да ги продолжам моите искрени, отворени и интензивни разговори со премиерот Албин Курти и вицепремиерот Бесник Бислим, за следните чекори и патот напред за нормализација на односите со Србија. Исто така, се согласивме сите досегашни договори за дијалог мора целосно да се имплементираат“, напиша Лајчак.
Посетата на Лајчак на Косово доаѓа неколку дена по неговата посета заедно со претставници од Соединетите Американски Држави (САД), Германија, Франција и Италија, како дел од напорите за постигнување конечен договор меѓу Косово и Србија.