Левица: “Предлогот за платено породилно отсуство на земјоделките заглавен на собраниска комисија“

Денес се одбележува 15-ти октомври, Меѓународниот ден на жените од руралните средини. За жал, оваа жена во Македонија сѐ уште се бори за своите права на здравствено осигурување, особено во период на мајчинство, со што значително ѝ се отежнува, и онака неповолната ситуација на жената од руралните средини.

Левица, уште во мај годинава поднесе Предлог-закон за платено породилно отсуство за жените земјоделки (Измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување), со кој се овозможува користењето на правото на надоместок поради бременост, раѓање и мајчинство на жените – земјоделки и би се овозможила еднаквост за ова уставно загарантирано право на секоја жена со кое Рапубликата гарантира заштита на мајчинството.

Но, среброљубивците укотвени во власта со децении, не го ни разбираат трудот и маката на жените земјоделки кои истовремено растат дете и растат плод без помош, ниту нивната повеќедецениска борба за она основното – добивање платено породилно отсуство. Па така, овој Предлог-закон поднесен од Левица, сѐ уште стои заглавен во Собраниската комисја за здравство, а Владата дури даде и негативно мислење по однос на предлог-закон.

Додека измените на Кривичниот законик, со кој се „амнестираат“ високи функционери од одговорност, пратениците од владејачката коалиција предводена од СДС и ДУИ во еден ден ги донесоа измените на Кривичниот законик со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба, Предлог-законот на Левица сѐ уште го саботираат и кочат.

Нашата борба за соодветно здравствено осигурување, како и подобрување на целокупниот стандард за жените-земјоделки продолжува.

СООПШТЕНИЕ – Политичка партија Левица