Либан е подготвен да ја спроведе резолуцијата на ОН која ќе помогне да се стави крај на прекуграничните напади на Хезболах врз Израел, доколку Израел, исто така, се усогласи и се повлече од спорните територии на планината Дов, ридот Кфар Чуба и либанската страна на селото Гаџар, изјави денеска либанскиот премиер Наџиб Микати.
Решението за сегашните прекугранични непријателства е „примената на меѓународните резолуции“, вклучително и резолуцијата 1701, рече Микати.
– Целосно сме подготвени да се посветиме на нивната примена, под услов израелската страна да го стори истото и да се повлече од окупираната територија, во согласност со меѓународните закони и резолуции – додаде Микати, пренесува „Тајмс оф Израел“.
На границата меѓу Либан и Израел се забележува ескалација на огнот, главно меѓу ИД и терористичката група Хезболах поддржана од Иран, откако започна војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, која стави крај на војната меѓу Израел и Хезболах во 2006 година, повика на отстранување на вооружениот персонал јужно од реката Литани во Либан, освен за мировниците на ОН и либанската армија и државните безбедносни сили.