Лидерот на Хамас: Инсистирањето на Израел на операцијата во Рафа ги води преговорите во непозната судбина
– Шефот на Политичкото биро на движењето Хамас, Исмаил Ханије, синоќа предупреди дека инсистирањето на Израел за продолжување на воената операција во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа ги води преговорите за ослободување на заложниците и прекинот на огнот во „непозната судбина”.
Во телевизискиот говор по повод 76-годишнината од палестинската Накба, Ханије рече дека Хамас е „позитивно ангажиран во напорите на посредниците во Египет и Катар да постигнат договор за прекин на борбите во Газа и размена на заложници“ со Израел.
Тој додаде дека „окупацијата одговорила“ на нивното прифаќање на предлогот за прекин на огнот претставен од Египет и Катар со влегување во градот Рафа и во северните области во Појасот Газа.
Ханије нагласи дека „окупациските модификации на овој предлог ги довеле преговорите во безизлезна ситуација“.
Тој додаде дека веруваат оти „инсистирањето на Израел за продолжување на операцијата во Рафа ги доведува преговорите до непозната судбина“.
„Се согласуваме со нашите браќа во Египет за неопходноста од неодложно повлекување на непријателот од преминот Рафа и од сите области во Појасот Газа“, рече Ханије, додавајќи дека Израел нема право да се меша во управувањето со преминот.
– Ден по војната
Што се однесува до сценариото на Израел и Соединетите Американски Држави (САД) за, како што го нарекуваат, „денот по завршувањето на војната во Газа“, Ханије потврди дека овој ден „ќе биде во согласност со интересите на палестинскиот народ“.
Тој додаде дека „ден по војната Хамас ќе одлучи за ова во координација со другите палестински фракции“.
Тој го критикуваше американскиот став за војната во Газа, велејќи дека САД „продолжуваат со својата пристрасност кон непријателот и продолжуваат да обезбедуваат политичка поддршка и покритие за геноцидната војна што ја водат против нашиот народ“.
Како одговор на израелската закана да го елиминира Хамас, Ханије рече дека „Хамас и неговото вооружено крило, бригадите Ал-Касам, постојат за да останат“.
– „Нема откажување од правото на враќање“ –l
По повод годишнината од Накба, Ханије истакна дека акцијата „Потоп Акса“ е увертира за ослободување и независност.
Тој нагласи дека палестинското прашање „останува силно во главите на нашиот народ, нашата нација и слободните луѓе во светот“ и дека генерации Палестинци разбираат дека нема откажување од правото на враќање.
„Нашиот народ ги спречи сите злонамерни заговори и планови насочени кон ставање крај на палестинското прашање и остана непоколеблив насекаде“, нагласи Ханије.
Тој е убеден дека „ционистичкиот непријател ќе пропадне и ќе биде поразен без разлика колку време е потребно“.
Додаде дека луѓето на Западниот Брег и Ал Кудс (Ерусалим) „застанале цврсто и се спротивставиле на сите обиди за јудеизирање и ликвидирање на палестинското прашање“.
– Ослободување на затворениците
За затворениците во израелските затвори, Ханије рече дека „окупацијата врши секакви ѕверства и егзекуции врз нашиот народ во тајните притворни центри и затвори“.
Тој додаде дека работат на разоткривање на злосторствата од окупацијата врз палестинските затвореници.
„Им велам на нашите затвореници дека ‘Потопот Акса’ ќе ја постигне вашата слобода, ако даде Бог“, нагласи Ханије.
Тој ја пофали поддршката за Газа од „фронтовите на отпорот“ во Либан, Јемен, Ирак и Иран.
За глобалното студентско движење во знак на солидарност со Газа тој рече дека „сцената е без преседан во историјата“.
„Газа стана икона за младите во светот и го урна ционистичкиот наратив и ја откри крвавата природа на окупацијата“, рече Ханије.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
Според палестинските здравствени власти, оттогаш се убиени најмалку 35.233 Палестинци, главно жени и деца, а над 79.100 се повредени.
Повеќе од седум месеци по почетокот на израелската војна големи делови од Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.