Уште од моето доаѓање како министер за правда вратите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беа отворени. Тоа се докажува со факти, со тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше и ги има нацрт-верзиите на сите закони, пред да бидат доставени до Влада, соопшти денеска министерот за правда Кренар Лога, како реакција на интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за „Фокус“.
Според Лога, невистината не му прави чест на Мицкоски, а немањето политичка аргументација и соодветна визија за политички лидер го тера да зборува „на празно“.
-Со овој факт Мицкоски е дотеран до ѕид, и изгледа лошо пред јавноста, бидејќи цело време е на мат позиција, како за Законот за амнестија така и за другите Закони. Лидер кој ја блокира перспективата на својот народ и својата земја, лидер без политичка надеж, без меѓународни пријатели, лидер кој не се оградил од политичкото наследство на Груевски не е алтернатива за иднината на европска Македонија, посочува Лога.
Мицкоски во интеврјуто за „Фокус“ го обвини министерот за правда дека е во комуникација со нарко-кланови, на кои, според него, им ветувал дека со Законот за амнестија ќе им ги скрати затворските казни.