Луѓето со дијабетес се незадоволни: Буџетот не може да ги покрие потребите од инсулин

Лигата на здруженија на лица со дијабетес на Северна Македонија, во име на 23 локални организации на лица со дијабетес и во име на над 130.000 лица со дијабетес во земјава, изрази големо незадоволство од одобрениот буџет во делот за програма за инсулинска терапија.

Велат дека сумата од 860 милиони денари останала иста како претходната година, додека во 2025 година очекуваат нов тендер за набавка на инсулинска терапија за периодот 2025-2027 година, а ветувања добиле и од Mинистерот за здравство , Арбен Таравари, за зголемување на покриеноста на бројот на заболени од дијабетес со современи апарати (CGM сензори и инсулински пумпи) кои се соочуваат со сериозни здравствени компликации од оваа хронична болест.

„Со ваков буџет нема да може да се покријат тековните потреби од инсулин и терапија за лицата со дијабетес, без да се спомене помошта која веќе е достапна во земјите околу нас – Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Според искуството од изминатите години, буџетот се зголемуваше од година во година и сега остана ист како и претходната година, во година кога знаеме дека ќе бидат потребни повеќе средства. Како Лига сме загрижени дека поради недостиг на буџет ќе се намали квалитетот на инсулинот и терапијата за лицата со дијабетес, што ќе предизвика трагични последици по здравјето и животот на 8 отсто од населението. Трендот на појава на дијабетес кај нас се зголемува и за жал не гледаме дека Владата има соодветен одговор за оваа популација да има најсовремена терапија и средства за живот“, се вели во дописот на Лигата до Владата и Министерството за здравство.

Тие апелираат до сите вклучени страни при проекцијата на новиот тендер да ги следат нивните потреби и очекувања и да одржат континуитет во лекувањето на пациентите. Бараат активно да се вклучат во сите чекори за дефинирање на новиот тендер – нивни претставници се дел од состаноците и работата на Националната комисија за дијабетес.

Во спротивно, како што предупредија, Синдикатот, локалните здруженија, ќе организираат над 130 илјади лица со дијабетес и членови на нивните семејства, во активна демонстрација на револт пред здравствените и владините институции во земјава.