МАКЕДОНИЈА СЛЕДНИТЕ ДВА ДЕНА Е ЦЕНТАР НА СВЕТОТ – Сите очи вперени кон Скопје: Што доколку Ентони Блинкен и Сергеј Лавров остварат средба !?

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Ентони Блинкен и искусниот министер за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, в четврток во Скопје ќе учествуваат на 30. Министерски состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а она што ја интересира не само македонската туку и јавноста ширум светот е тоа дали двјацата големи дипломати ќе имаат средба.

Се очекува на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје да пристигнат 76 делегации на земји-членки и партнери на ОБСЕ, претежно претставени од министри за надворешни работи.

спорстка сала „Борис Трајковски“

Односите меѓу САД и Русија се на најлошото ниво од Студената војна поради руската инвазија на Украина, а официјалните лица редовно си разменуваат обвинувања. Сепак, мали се шансите за официјална средба помеѓу Ентони Блинкен и Сергеј Лавров.

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, одби да каже дали ќе има каква било интеракција меѓу Сергеј Лавров и американската делегација во Скопје, но изјави за Voice of America (VoA) дека Ентони Блинкен „ќе има добра дискусија“ со своите колеги од ОБСЕ за американската поддршка до Украина.

Од друга страна, од Кремљ велат дека средба нема да има. Потпаролката на Сергеј Лавров, Марија Захарова, претходно изјави дека некои западни претставници побарале средба со него, но не кажа кои.

Вашингтон не побара средба и нема да има“, соопштија од Министерството за надворешни работи на Русија.

Тоа, сепак, не значи дека тие двајца нема да разговараат, дури ни на минување.

Така беше и во март годинава, кога накратко се сретнаа на маргините на состанокот на дипломатите на Г-20 во Њу Делхи, Индија. Тогаш официјалните лица од САД соопштија дека Ентони Блинкен и Сергеј Лавров разговарале околу 10 минути.

Сергеј Лавров и Ентони Блинкен

Висок американски функционер тогаш изјави дека Ентони Блинкен ја искористил дискусијата за да му даде три точки на Сергеј Лавров: дека САД ќе ја поддржат Украина во конфликтот онолку долго колку што е потребно за да се стави крај на војната, дека Русија треба да ја повлече својата одлука да го прекине учеството во нуклеарната програма „Нов СТАРТ“ и дека официјална Москва треба да го ослободи притворениот Американец Пол Вилан.

Службеникот, кој тогаш разговараше со новинарите од странските медиуми под услов да остане анонимен за да разговара за приватен разговор, порача дека Ентони Блинкен го „одвратил“ Сергеј Лавров од секоја идеја дека американската поддршка за Украина може да се поколеба.

Официјалниот претставник одби да го карактеризира одговорот на Сергеј Лавров, но кажа дека Ентони Блинкен не добил впечаток дека ќе има некаква промена во однесувањето на Русија во блиска иднина. Русија веднаш не ја коментираше суштината на разговорот, но портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, истакна дека Ентони Блинкен побарал да разговара со Сергеј Лавров.

Тоа беше нивниот прв контакт од минатото лето, кога Ентони Блинкен му се јави на телефон на Сергеј Лавров за предлогот на САД Русија да го ослободи Пол Вилан и претходно приведената ѕвезда на ВНБА, Бритни ГрајнерБритни Грајнер подоцна беше ослободена во замена за затворениот руски дилер на оружје Виктор Бут, но Пол Вилан останува во притвор во Русија откако беше обвинет за шпионажа.

Ентони Блинкен и Сергеј Лавров последен пат се сретнаа лично во Женева, Швајцарија, во јануари 2022 година, пред руската инвазија. На тој состанок, Ентони Блинкен го предупреди Сергеј Лавров за последиците со кои Русија ќе се соочи ако продолжи со планираната воена операција, но исто така се обиде да одговори на некои од поплаките што рускиот претседател Владимир Путин ги упати против САД и НАТО.

Тие разговори се покажаа како неубедливи бидејќи Русија напредуваше со своите планови за инвазија, а Ентони Блинкен потоа ја откажа закажаната средба со Сергеј Лавров само два дена пред целосната инвазија на Москва на Киев на 24. февруари 2022 година.

ЗА ШТО ЕНТОНИ БЛИНКЕН И СЕРГЕЈ ЛАВРОВ БИ РАЗГОВАРАЛЕ ВО СКОПЈЕ ?

Ако сега Ентони Блинкен и Сергеј Лавров се сретнат, главна тема, секако, повторно би била Украина. Војната во Украина се одолговлекува и сега дефинитивно е во „мирување“.

Украинската контраофанзива не беше особено успешна, а од друга страна, руските напади не доведоа до некој поголем напредок.

Во текот на изминатите 11 месеци, за време на кои и Русија и Украина започнаа големи офанзиви, нешто повеќе од 700 квадратни километри територија се сменија – тоа е помалку од една петтина од еден процент од територијата на Украина.

Засега, Москва и Киев не изгледаат заинтересирани за преговори за крај на војната, па дури и за замрзнат конфликт. Затоа, се чини дека најдобрата надеж е да се зголемат дипломатските активности на Запад, на чело со САД.

Неодамна се почесто се споменува можниот притисок на Запад врз Украина да се согласи на преговори и компромис со Русија.

На 24. ноември, Bild објави, повикувајќи се на анонимен извор, дека Германија и САД сакаат да ја принудат Украина да прибегне кон преговори со Русија користејќи ограничувања за снабдувањето со оружје како потпора.

Володимир Зеленски и Џо Бајден

Како што се наведува во написот, Берлин и Вашингтон ја разгледуваат опцијата за замрзнување на војната, што ќе ја направи линијата на судир нова „квази-граница“ меѓу Украина и Русија.

Германските и американските власти ги отфрлија наводите на угледниот весник Bild.

САД СЕ ЗАГРИЖЕНИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Пред да замине за Скопје, Ентони Блинкен го посети Брисел, каде што учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, каде една од сесиите е посветена на безбедноста и демократијата во Западен Балкан.

Стабилната, просперитетна иднина на Западен Балкан мора да се заснова на добро владеење, владеење на правото, мултиетничка демократија и почитување на човековите права и основните слободи“, истакна Џејмс О’Брајан.

Претставниците на НАТО ја потврдија посветеноста на алијансата за одржување на безбедна средина, притоа придонесувајќи за поширока стабилност на Западен Балкан.

Соопштението дојде како одговор на претходното предупредување на украинскиот претседател Володимир Зеленски овој месец, во кое тој пренесе информации кои сугерираат дека Русија има план за дестабилизација на Балканот.

Говорејќи на 21. ноември во Скопје, за време на последната станица од турнејата низ Западен Балкан, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека алијансата внимателно ги следи активностите на Русија во регионот. Но, тој кажа дека во моментов не постои воена закана за која било членка на НАТО во областа.

УКРАИНА И БАЛТИЧКИТЕ ЗЕМЈИ ГО БОЈКОТИРААТ МИНИСТЕРСКИОТ СОСТАНОК НА ОБСЕ

Украина, Летонија, Естонија и Литванија најавија дека нивните министри за надворешни работи ќе го бојкотираат самитот на ОБСЕ што официјално започнува утре во Скопје поради присуството на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Ова ќе биде првпат Сергеј Лавров да учествува на состанок на ОБСЕ од почетокот на конфликтот во Украина во февруари минатата година.

МАКЕДОНИЈА ЦЕНТАР НА СВЕТОТ

30. Министерски состанок на ОБСЕ кој официјално започнува утре во 10:00 часот ќе се одржи во спортската сала „Борис Трајковски“. Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, според најавите ќе одржи воведен говор пред присутните делегации од целиот свет.

Скопје во наредните два дена ќе биде речиси целосно „парализирано“ поради доаѓањето на повеќе од 1.000 делегати од 76 земји. Многу улици во центарот на главниот град ќе бидат блокирани. Утре исто така е неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, како и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град.