Францускиот претседател Емануел Макрон и кандидатот за канцелар на германската Христијанско-демократска унија, Фридрих Мерц, на состанокот во Париз, се договориле да отворат ново поглавје во француско-германските односи, изјави за Ројтерс неименуван извор близок до Мерц.
-Постоеше голема согласност и бројни појдовни точки за заеднички иницијативи, рече изворот, додавајќи дека за време на средбата на двајцата лидери во Париз имало „пријателска атмосфера“.
Мерц и Макрон вчера се сретнаа во Париз и разговараа за политичката ситуација во Германија по вонредните парламентарни избори, како и за тековните разговори за формирање на владејачка коалиција во оваа земја.
Двајцата разговараа и за трансатлантските односи, откако Макрон разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот.
Ова беше прво патување на Мерц во странство по изборите.
Макрон по средбата со Трамп ги информираше лидерите на ЕУ за исходот од разговорите со американскиот претседател.