Манчестер Јунајтед бара помош од државата за изградба на нов стадион

 – Џим Ретклиф, сопственикот на „Инеос“, има големи планови за Манчестер Јунајтед.

Како што пишува „Дејли Телеграф“, бизнисменот, кој поседува 25 отсто од акциите на клубот, почнал да ги спроведува своите планови, иако продажбата на дел од акциите се уште не е официјално потврдена од Премиер лигата.

Сепак, се очекува тоа да биде официјализирано во следните две недели, а Ретклиф не сака да губи време, особено кога станува збор за стадионот „Олд Трафорд“.

Останува дилемата дали Ретклиф ќе инвестира во реконструкција или ќе одлучи да изгради целосно нов стадион на местото на сегашниот.

Тој бара поддршка од Владата на Обединетото Кралство и од програмата на фондот „Левелинг ап“ за изградба на најмодерниот стадион во северозападниот дел на Англија, кој би му ривал на „Вембли“ во сите погледи.

-Тој чувствува дека клубот треба да има чудо од стадион, кој ќе го одземе здивот на сите. И постои силен аргумент земјата да има објект од врвна класа, кој би бил „Вембли“ на северот на земјата, изјавил за весникот извор близок до Ретклиф.

Засега е познато дека тој се спротивставува на промената на локацијата и верува дека навивачите би се согласиле за нов стадион на истото место, каде што е веќе 114 години.

-Духовниот дом е важна работа. Мислиме дека навивачите би биле среќни и би го прифатиле новиот стадион доколку останеме таму, додаде изворот.

Проценките велат дека за реновирање на постоечкиот стадион со капацитет од 74.000 седишта би била потребна инвестиција од 800 милиони фунти, додека изградбата на нов би чинела од 1,5 до две милијарди фунти.

Ретклиф веќе започнал разговори со градоначалникот Енди Барнам, како и со другите општински власти, додека истовремено бара финансиски опции за реализација на проектот.

Познато е дека Јунајтед се задолжи во ерата на семејството Глејзер, а тоа е болна рана за сите навивачи, но се верува дека новиот стадион нема да биде голем товар.

-Ако има капацитет од 90.000 седишта, тоа се уште 20.000 нови навивачи, тоа зголемување на приходите би му се исплатило на стадионот, велат извори блиски до клубот.