Маричиќ: “Важно да се држиме на обврските од нашиот европски пат“

„Процесот на уставни измени ќе започне пред летото. Очекуваме да биде успешен, а изборите ќе бидат во редовен термин, средина на наредната година. Важно да се држиме на обврските од нашиот европски пат и членството во ЕУ“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.  

Во одговор на новинарско прашање пред конференцијата „Граѓанските организации – катализатори на европската интеграција на Северна Македонија“, во организација на Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ истакна дека е при крај постапката за формирање на работната група за уставните измени, дека има добар одѕив од оние што ги поканиле за разговор и учество во групата за што очекува наскоро да соопшти Министерството за правда.

Очекувам да се објави во наредните денови таа група и вендаш да започнеме со формулација на уставните амандмани. Во Собранието, сега како што е, има една атмосфера во која што опозицијата сака да ја избегне темата за уставни измени. Јас мислам дека тоа не му оди во прилог никому, напротив мислам дека треба што поскоро да ја отвориме таа дебата. Ние затоа ќе ги формулираме амандманите и ќе ги пуштиме во општествена дебата најпрво преку граѓанските организации, преку академските институции, за да дадеме простор да се разменат аргументите, да се разменат мислењата, да се влезе во суштината на уставните измени, и да се создаде атмосфера во Собранието во која што ќе имаме една здрава разумска дебата, пред се, за тоа дали сакаме и колку бргу сакаме да бидеме во ЕУ, бидејќи тоа е вистинското прашање, а не е вистинското прашање Бугарија. Вистинското прашање е дали и колку бргу сакаме да стигнеме во ЕУ“, вели Маричиќ.  

Тој смета дека има доволно време да ги завршиме уставните измени до ноември.

Последниот пат кога се менуваше Уставот тоа траеше околу три, четири месеци. Мислам дека пред летото треба да започнеме. Дали ќе биде мај, дали ќе биде јуни, ќе видиме, но пред летото треба да започнеме за да го стигнеме рокот“, кажа вицепремиерот Маричиќ

Тој меѓу другото потенцира дека имаат должност да се обидуваат да ја седнат опозицијата на маса за разговор и стојат отворени за нивни предлози онаму каде што опозицијата има главен збор како да се зајакне нивната улога, но дека не може да се избега од прашањето на уставните измени. 

Мислам дека тоа е важно не само за сегашната Влада и сегашната опозиција, тоа е важно за процесот којшто трае долго и надминува мандат на која било Влада и состав на Собранието. Битно е ние да ги имаме сите клучни политички фактори на маса. Жал ми е што ВМРО – ДПМНЕ се уште бега, не сака да разговара за ова прашање, а не можеме да избегаме  од овие прашања. Дали ќе ги дискутираме сега, за шест месеци, за една година или за две години, тие прашања ќе бидат тука на маса. Искуството со спорот со Грција, ни кажува одлагањето  и игнорирањето на проблемите  не прави проблемите да исчезнат. Напротив ги прави поголеми и ги прави потешки за решавање после одредено време. Затоа ќе апелираме постојано и до водството на ВМРО – ДПМНЕ, но и до сите пратеници да се вклучат во овој процес“, вели Маричиќ.  

Во однос на можноста што ја спомна министерот за правда покрај за уставните измени во контекст на евроинтеграцијата, да се отворат и други прашања, вицепремиерот за евроинтеграции вели дека не верува дека министерот сака да наметне нешто, бидејќи со него разговарал на оваа тема, туку смета дека е логично кога се отвора прашањето за уставни измени, да се отворат сите теми коишто потенцијално би биле, да речам, дискутирани за уставните измени.

Лично сметам, а мислам дека тоа е став и на Владата, иако не сме разговарале, дека е логично да се фокусираме на оние обврски коишто произлегуваат од преговарачката рамка. Така имаме најдобри шанси за успех и најдобри шанси да успееме во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое дополнително прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека сега е вистинското време за тоа зашто ќе земе и повеќе време и повеќе енергија, и ќе го комплицира процесот“, вели Маричиќ оставајќи простор за сите прашања да се разговара по завршувањето на овој циклус на уставни измени.