– Очекуваме првата евалуација да биде на крајот на март, а на почетокот на април првиот трансфер на средства од Планот за раст од Европската комисија (ЕК). Тоа е намерата на ЕК и тоа е динамиката што ќе ја правиме, рече вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Фокусот на реформите што ќе се очекуваат од нас, како што оцени во гостување на ТВ Телма, ќе биде во финансиските и економските капацитети на државата и на јакнењето на институциите.
Денешната посета на претседателката на Европската комисија Фон Дер Лајен, според Маричиќ, е позитивен сигнал и охрабрување бидејќи турнејата на Западен Балкан ја започна токму од Скопје.
-На тој начин испраќа порака дека не само што Северна Македонија има европска перспектива, туку и дека работи на неа. Нејзиниот фокус на посетата е токму Планот за раст. Иако беа спомнати повеќе други теми, она што таа ни го пренесе, тоа што ние го говориме веќе некое време, дека навистина постои расположение кај државите членки да разговараат и да дејствуваат на полето на европските интеграции. Не е тоа само наша замисла или убава приказна или убава желба, туку дека е тоа навистина реалност. Второ, дека за да покажат на дело дека Планот за раст ќе го ефектуираат во најскор можен рок. Очекуваме на 8 ноември кога ќе бидат објавени извештаите за сите држави од регионот да биде објавен и деталниот план за раст, наведе Маричиќ.
Фон Дер Лајен соопштила, како што рече, дека ова е План, во кој нема да се чекаат оние што не сакаат да учествуваат. Важно е, посочи, што реформите и областите во коишто ќе мора да испорачаме реформи, но и конкретните мерки, ќе се договараат во наредниот период и се очекува да бидат заклучени пред крајот на годината.
-Списокот на реформи што треба да го направи тој реформски план не е врзан формално ниту конкретно со преговорите, ниту со реформите што ни ги бараат редовно секоја година иако фактички ќе мора да се земат дел од тие мерки и во овој дел. Фокусот ќе биде на реформи во економскиот систем, во финасиската контрола и фискалната политика, како и во делот врзан за темелни вредности. Ќе има фокус на реформи во финансиските и економските капацитети на државите, но и јакнењето на институциите. Тоа ни беше јасно соопштено. Тој план треба да го утврдиме заедно со министерствата за финансии и за економија и останатите економски ресори, транспорт, животна средина, рече Маричиќ.
Со Министерството за финансии се работи на развој на структура на клучни министерства и институции коишто ќе учествуваат во креирањето на предлозите и следењето на имплементација на планот.
-Штом излезе извештајот, наредната недела, комбинирано со тоа што ќе излезе во делот на Фундаментални вредности, и во она што веќе го имаме како контрола на фискалните трошоци, фискална политика, финансиска контрола, буџетска транспарентност, буџетско планирање и јакнење на капацитетите на тие институции, тоа ќе биде приматот. Очекуваме првата евалуација да биде крајот на март и почетокот на април првиот трансфер на средства од овој план веќе да се случи. Тоа е намерата на Европската комиисја и тоа е динамиката што ние ќе ја правиме, рече Маричиќ.