Еврокомесарот за проширување, Марта Кос, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека е важно да се исполнат преостанатите обврски и земјата да напредува во процесот на членство во Европската Унија.
Во својата објава на социјалната мрежа X, Кос рече дека таа и Муцунски имале отворена дискусија за следните чекори на европскиот пат на Македонија, за кој вели дека силно го поддржува, како и за Планот за раст.
Понатаму, таа го поздрави целосното почитување на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на Европската унија од страна на Македонија, како и помошта што земјата ѝ ја дава на Украина.
Во меѓувреме, шефот на дипломатијата на РМВ, во интервју за „Политико“, нагласи дека Македонија не е подготвена за уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие силна гаранција од Европската Унија дека ова е последното барање на Софија.