Маск: Не можам да верувам дека Епштајн се самоубил пред да сфати дека сè е измама

Американскиот милијардер Илон Маск се огласи преку платформата X во врска со случајот со сега починатиот педофил, Џефри Епштајн.

„Леле, не можам да верувам дека Епштајн се самоубил пред да сфати дека сè е измама“, напиша Маск.

Потсетете се дека американскиот претседател Доналд Трамп ги налути своите поддржувачи кога изјави дека нема да објави никакви дополнителни досиеја за Епштајн, богатиот финансиер и осуден сексуален престапник кој почина под сомнителни околности во затвор во 2019 година.

Маск пред неколку недели изјави дека името на Трамп е во овие досиеја. Минатата недела, ФБИ објави дека списокот на клиенти на Епштајн не постои, месеци откако главниот обвинител на Трамп, Пам Бонди, тврдеше дека копија од списокот е на нејзината маса.

Трамп со години им ветуваше на поддржувачите дека ќе го објави „списокот на познати клиенти на Епштајн“, на кој наводно се наоѓаат познати личности и политичари.

Понатаму, ФБИ и Министерството за правда ги отфрлија тврдењата дека Епштајн бил убиен во затвор, нагласувајќи дека неговата смрт била самоубиство.

Трамп, кој се појавува во видео старо најмалку едно десетлетие на забава организирана од Епштајн, негираше дека неговото име е во досието.

Тој исто така изјави дека немал директен контакт со Епштајн и дека „не бил пријател со него најмалку 18 години пред неговата смрт“.

Инаку, „Волстрит џурнал“ објави писмо за роденден што Трамп му го испратил на педофилот Епштајн.