– Најмалку 27 лица загинаа, а четири се водат како исчезнати откако ураганот „Отис“ ја погоди Гереро, крајбрежната држава во Источно Мексико, соопшти Владата вчера.
Преживеаните стануваат очајни поради бавната реакција на Владата и загрижени се дека фокусот ќе биде на поправката на инфраструктурата наместо да им се помага на оние на кои им е најпотребно.
Секретарката за безбедност и цивилна заштита Роса Ичела Родригез претходно изјави дека меѓународните метеоролози не предвиделе како ќе се развива бурата, а она што се случи во вторникот е „нетипично“ и „неверојатно сценарио“.
За 24 часа „Отис“ од тропска бура прерасна во ураган од петта категорија.
Ветрот сериозно ја оштети инфраструктурата, оставајќи делови од населението без комуникација и услуги.
Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, итно во среда вечер отпатува од главниот град во Акапулко, познато летувалиште што тешко е погодено од ураганот.
Лопез Обрадор рече дека 80 отсто од хотелите во Акапулко биле погодени.
Ураганот предизвика затворање на патишта, вклучително и автопатот меѓу Мексико Сити и Акапулко, најпрометниот во земјата. Повеќе од половина милион луѓе останаа без струја.
Повеќе од 10.000 војници на Националната гарда се распоредени да им помогнат на жртвите.