МИЛИОНИ луѓе кои земаат лекови за разредување на крвта, како што е варфаринот, би можеле да бидат изложени на ризик од сериозни несакани ефекти ако ги комбинираат со одредени додатоци во исхраната. Варфаринот е најчесто препишуван антикоагуланс во Велика Британија, препишан на повеќе од еден милион пациенти за да се спречат згрутчувања на крвта што можат да доведат до мозочен удар.
Најчесто го користат луѓе со неправилни срцеви отчукувања, имплантирани срцеви залистоци, нарушувања на згрутчувањето на крвта или оние кои се опоравуваат од операција.
Експертите особено предупредуваат против комбинирање на варфарин со витамин К, додатоци на омега-3 масни киселини и кантарион. Според нутриционистката Викторија Тејлор од Британската фондација за срце, витаминот К може да ја намали ефикасноста на лекот, додека омега-3 и кантарионот дополнително го зголемуваат ризикот од крварење.
„Истражувањата покажуваат дека додатоците во исхраната не помагаат ниту ги подобруваат срцевите и циркулаторните заболувања. Во некои случаи, тие дури можат да бидат и штетни“, предупреди Тејлор, според Дејли Меил.
Официјалните упатства на NHS во Велика Британија, исто така, советуваат да се избегнуваат хербални лекови за време на терапијата со варфарин, особено кантарион, кој може да ги зголеми несаканите ефекти.
Единствен исклучок што го посочуваат експертите е витаминот Д.
Кога станува збор за витамин К, експертите велат дека не е потребно целосно да се избегнуваат намирници како лиснат зеленчук, жолчки од јајца или маслиново масло, но клучно е да се одржува конзистентен внес за да се одржи рамнотежата во нивото на крвта. Тејлор советува: „Разговарајте со вашиот лекар пред да потрошите пари за додатоци во исхраната. Доколку ви се потребни, тој ќе ви ги препише или препорача.“
Единствениот исклучок што експертите го посочуваат е витаминот Д. Националната здравствена служба (NHS) препорачува земање десет микрограми витамин Д дневно во текот на есента и зимата, кога телото не може да произведе доволно од него преку изложување на сонце. „Покрај тоа, здравата, разновидна и балансирана исхрана ја обезбедува целата енергија, витамини и минерали што ви се потребни“, додаде Тејлор.
Иако варфаринот е многу корисен во спречувањето на згрутчување на крвта, тој носи и ризик од крварење. Најчесто, станува збор за благи симптоми како што се лесно појавување модринки или крварење од носот и непцата, но во ретки случаи, може да се појават посериозни компликации.
Предупредувачките знаци вклучуваат крварење од носот кое трае повеќе од десет минути, повраќање или искашлување крв, па сè до крварење во мозокот, кое бара итна медицинска помош.