Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вели дека Македонија треба да има модерен државен амблем и со својата симболика да биде дел од европската заедница на држави, а не во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола.
Тој вели дека ова се ретките земји во светот кои имаат советска симболика на нивните државни амблеми.
„Верувам дека и Македонија има добро историско наследство кое може да ги поврзе АСНОМ, Илинденскиот период и претходните периоди на нашата заедничка држава и дека тоа би можело да се одрази во еден современ државен амблем кој би бил подобар и поквалитетно би ги рефлектирал определбите на Македонија и во таа симболика да биде дел од европската заедница на држави“, рече Милошоски.
Но, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, не гледа причина за промена на државниот амблем.
Тој додава дека како партија не се консултирани за нивното мислење на оваа тема, кое го покренаа ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.