Министерката Весна Јаневска изјави дека Владата одлучила цените на училишниот прибор да останат на нивото од 1 јуни оваа година, со што ќе се обезбеди поевтина „училишна кошничка“ за сите семејства.
Ова, како што објави Јаневска, значи дека родителите ќе плаќаат околу 10 проценти помалку од сегашните цени за училишни чанти, боички, тетратки и друга потребна опрема.
„Вчера донесовме одлука за училишната кошничка и еве ме, ги информирам родителите дека цените ќе бидат исти како што беа на 1 јуни оваа година. Тие цени ќе бидат за целиот училишен прибор, почнувајќи од чанти, бои, тетратки, сè што му е потребно на детето за да тргне на училиште е вклучено во оваа мерка и веќе е донесено. На 1 септември цената ќе биде иста како што беше на 1 јуни, што е секако за 10 проценти помалку од сегашните цени“, рече министерјата во емисија на Канал 5 телевизија.
Пред два дена, премиерот Мицкоски најави дека Владата пред септември ќе воведе таканаречена „Школска кошничка“, која ќе вклучува училишен прибор. Во понеделник тој рече дека се испитуваат и неколку концепти за цените на пазарите, како и законски можности за санкционирање на оние субјекти кои драстично ги зголемија цените во изминатиот период.