Министерство за здравство на Македонија: Обезбедени се 80.000 вакцини против сезонски грип

Министерството за здравство информира дека е потпишан договор за набавка на 80.000 вакцини против сезонски грип. Се очекува вакцините да пристигнат следната недела, по што, како и секоја година, имунизацијата против грип ќе започне во втората половина од месецот.

„Оваа година досега се обезбедени најголем број вакцини за оваа намена. Станува збор за квадривалентна вакцина од познатиот производител Абот од Холандија.“

Ве потсетуваме дека бесплатната вакцинација ги опфаќа ранливите групи на населението, како што се: постари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална грижа за стари лица и вработени во овие установи.

„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасната мерка за спречување на грип, која помага да се избегнат потешки форми и компликации, особено кај ризичните групи“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.