Министрите на Виктор Орбан повторно контра политиките на ЕУ: “Брисел нема право да и кажува на Будимпешта каде да купува гас!“

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави денес дека Европската унија ги изгубила сите права да и кажува на Унгарија каде да купува природен гас, откако таа одби да помогне во финансирањето на проширувањето на капацитетите на регионалната енергетска инфраструктура.

Успехот на проектот за зголемување на испораките на азербејџански гас до една милијарда кубни метри годишно зависи од финансирањето на ЕУ, бидејќи енергетската инфраструктура на Југоисточна Европа моментално нема капацитет да одговори на побарувачката за енергетска диверзификација во регионот“, вели Петер Сијарто на заедничка прес-конференција во Будимпешта со неговиот колега од Азербејџан, Џејхун Бајрамов.

Тој изјави дека Азербејџан започнал со испорака на течен нафтен гас за Унгарија како дел од договорот за набавка на 100 милиони кубни метри гас и складирање на дополнителни 50 милиони кубни метри, пренесуваат тамошните медиуми.

Енергетската диверзификација е клучна за енергетската безбедност на Унгарија, а Азербејџан е изводлива алтернатива за Европа, како и за Унгарија“, додал Петер Сијарто.

Тој посочи дека азербејџанско-унгарските односи се клучни за економскиот раст, истакнувајќи дека во првата половина од оваа година трговската размена меѓу двете земји била двојно поголема од 2022 година, поттикната од извозот на фармацевтски производи и увозот на енергија.

Петер Сијарто го поздрави присуството на унгарски компании во обновата на Нагорно Карабах по војната, што, како што вели, е деловна можност вредна десетици милиони долари.

Кога почнавме да градиме односи со Азербејџан во 2010-2011 година. Во Европа нè гледаа со презир, па затоа е забавно да се набљудуваат западноевропските лидери кои сега се борат за можност да се сликаат со претседателот Илхам Алиев во Баку“, истакна Петер Сијарто.

Тој вели дека Унгарија и Азербејџан не се пријатели само затоа што излегува дека Баку има природен гас.

Џејхун Бајрамов оцени дека првиот состанок на азербејџанско-унгарскиот стратешки дијалог бил многу продуктивен.

Имавме многу продуктивен прв состанок на азербејџанско-унгарскиот стратешки дијалог и одржавме детални дискусии за натамошно продлабочување на нашата повеќекратна соработка“, напиша Џејхун Бајрамов во објава на социјалната мрежа Х (Твитер).