Мисајловски-Хелез: Зајакнување на партнерството и довербата во одбраната меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина
Безбедноста и стабилноста се клучни приоритети за Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Без овие предуслови не е можно да се зборува за развој во други области, како што е економијата, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски по средбата со неговиот колега од Босна и Херцеговина, Зукан Хелез, кој е во официјална посета на нашата земја.
За време на разговорот со министерот за одбрана Хелез, министерот Мисајловски изрази верување дека Северна Македонија, како членка на НАТО, го поддржува процесот на интеграција на Босна и Херцеговина во Алијансата и дека е подготвена да сподели искуства и да помогне со цел зајакнување на партнерството меѓу двете земји.
„Му го изразив моето убедување на министерот Хелез дека како земја-членка на НАТО, Босна и Херцеговина ја има нашата поддршка во зајакнувањето на односите со Алијансата. Подготвени сме да ги споделиме нашите искуства во процесот на интеграција во НАТО, што верувам дека како пријателски земји треба да го правиме, да се поддржуваме и да си помагаме едни со други во остварувањето на нашите цели за подобро утре за нашите граѓани“, нагласи Мисајловски на заедничката прес-конференција.
Министерот нагласи дека Македонија останува безрезервно посветена на својот придонес во мировната мисија АЛТЕА на Европската Унија, која има за цел одржување на стабилноста и безбедноста во Босна и Херцеговина, каде што моментално учествуваат 33 припадници од нашата земја.
Мисајловски, исто така, изрази благодарност за соработката и транспарентноста, нагласувајќи дека зајакнатата соработка ќе придонесе за зајакнување на регионалната безбедност и стабилност.
Министерот Хелез се заблагодари за помошта во образованието на своите кадети од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и нагласи дека Македонија е втората земја по Турција во која Босна и Херцеговина испраќа свои кадети.
„Покрај темата за кадетите, разговаравме и за евроатлантската интеграција. Македонија и Босна имаат сличен состав како мултиетнички држави. Моментално поминуваме низ фазите низ кои поминавте за членство во НАТО, ја спроведуваме програмата за реформи, додека нашата недовршена цел е и членството во ЕУ, каде што имаме ист или сличен пат кон тоа членство“, нагласи Хелез.