Владата на Република Северна Македонија ја поддржа кандидатурата на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој на денешната прес-конференција одговараше на новинарски прашања.
Тој нагласи дека не е тајна дека во минатото и денес може да има многу концептуални разлики кога се работи за сегашноста, справувањето со реалните проблеми, политиките, идеолошките разлики, бидејќи тие доаѓаат од различни политички семејства.
„Ние како Влада го имавме предизвикот да донесеме одлука, а тоа беше кој и како да го поддржиме за заменик генерален секретар на НАТО, со оглед на тоа што имаше кандидати од повеќе земји, а тука немавме дилема. Зошто? Прво, затоа што често повикуваме на единство, повикуваме на дијалог со опозицијата, а ако се јавите и не го направите тоа, тогаш сте лицемер. Значи, ние како Влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шеќеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека за Владата националното единство и националните интереси се пред и над партиските интереси.
„Да се има Македонка во овој случај како заменик генерален секретар на најмоќниот и најдобро организиран воен сојуз во светската историја е навистина чест и тука не сум имал дилема, ниту јас, ниту ние како Влада што сме биле вклучени во овај процес дека мора да ја поддржиме кандидатурата и тој е успешно завршен“, рече Мицкоски.