Мицкоски: Пензискиот фонд е стабилен иако трансферите ќе продолжат да се зголемуваат

Премиерот Христијан Мицкоски оценува дека во ПИОМ ќе има празнина уште шест до седум години, додека не почне помоќната исплата на пензиите од вториот пензиски фонд. Сепак, како што оцени денеска, Фондот е стабилен иако трансферите ќе продолжат да се зголемуваат.

Во ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски, остануваат уште два ставови за вториот пензиски фонд, едниот за национализација, а другиот за функционирање како што е сега.

„Дупка во пензискиот фонд ќе има додека вториот пензиски фонд не почне да сервисира дел од пензиите и тоа се очекува. И сега вториот Фонд почнува да учествува во исплатата на пензиите, но ова е минимално. За шест до седум години очекувам сето ова да биде израмнето и различно во однос на денес. Фондот е стабилен, иако трансферите ќе продолжат да растат додека вториот пензиски фонд не почне посилно да учествува во исплатата на пензиите“, рече Мицкоски на прес-конференцијата, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој откри дека и на денешната седница на КЕЦ имало предлог за зголемување на ДДВ од страна на бизнис заедницата и тоа не 18, туку 19,5 отсто.

„Има секакви идеи, но мора да ги ставиме аргументите на маса, да анализираме и да видиме што добиваме, а што губиме, па потоа да донесеме одлуки. Во партијата има различни мислења за вториот пензиски столб. Едниот став е да се имплементира концептот како во Естонија, Полска, Унгарија – национализација, додека вториот е да се продолжи вака. Но, во овој момент не носиме одлуки бидејќи веруваме дека ќе има дупка и ќе продолжи 6-7 години, додека не почне помоќната исплата на пензиите од вториот пензиски столб“, објасни Мицкоски.