Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денес на заедничка конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека посветеноста на нашата земја останува јасна: „ние припаѓаме на Европската Унија“.
„Европа мора да покаже лидерство кое ќе направи нешто вредно да стане реалност за своите граѓани. Да ја врати вербата во европската идеја, особено кај младите луѓе. Го кажувам ова не само како политичар, туку и како професор кој работи со млади луѓе.“
„Да покажеме дека Европската Унија не е затворена, туку за нас таа е жива визија – заедница на вредности, отворена за оние кои ги живеат тие вредности“, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека е подготвен да разговара – на ниво на билатерални разговори или на ниво на партнерски односи во НАТО – за надминување на проблемот со Бугарија за европскиот пат на Македонија.
Мицкоски вели дека прифаќа секаква медијација.
„Никој не треба да има дилема – сакаме решение, туку достоинствено и долгорочно решение. Уморни сме од постојаните блокади во врска со билатералните прашања. Дајте ни решение кое ќе биде уникатно и оставете нè дома да си ја завршиме домашната работа, за да видиме кој ќе биде лидер, а кој не. Нека судат сите“, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со Каја Калас.