МНР-Македонија: Конзулатот е во комуникација со семејството на починатото девојче во Италија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија соопшти дека нашиот Конзулат во Венеција е известен за трагичен настан што се случи на 29 јуни, во „Сан Џакомо ди Педероба“, во близина на Тревизо, покрај брегот на реката Пјаве, во кој животот го загуби деветгодишно девојче, по потекло од Република Северна Македонија.

„Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатиот, со цел да се завршат сите потребни административни процедури за транспорт на посмртните останки во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Весникот „Ла Трибуна ди Тревизо“ објави дека девојчето, Адна Ислам, по потекло од Македонија и жителка на Кавасо дел Томба, било со своето семејство, родителите Ихмет и Наила и помладиот брат и сестра, на попладневен одмор покрај брегот на реката Пјаве.

„Малата Адна си играла на карпите со други девојчиња кога се лизнала и паднала во реката и веднаш исчезнала, однесена од струјата“, пишува весникот.