Од контакт центарот на ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека во петок, најверојатно од 22 часот, ќе започне исклучувањето на водата, но не можат да гарантираат кога точно тоа ќе се случи. Во случај на продолжен прекин, претпријатието нема официјално соопштение како ќе биде организирано снабдувањето со вода, но потсетија дека и досега цистерни со питка вода биле распоредувани за потребите на граѓаните доколку дефектите траат подолго од 24 часа.
Според официјалните информации од „Водовод“, без вода ќе бидат граѓаните од десната страна на реката Вардар, односно од „СП Планет“ во Ѓорче Петров, па кај Порта Влае, Карпош, Тафталиџе, Водно, Центар, Кисела Вода, Драчево, Пинтија, 11 Октомври, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Автокоманда (ниска зона), па сѐ до Зелениково и Студеничани.
Затварањето ќе биде извршено на затварач Ф1600 кој локациски се наоѓа во кругот на касарната во Ѓорче Петров, со што во моментот на отпочнување со санација неопходно е затварање на вода на главниот градски цевковод Ф1600мм. Затворање на вода на главниот градски вод Ф1600мм се прави еднаш на педесет години, а последно такво затварање било 1991/1992 година за реализација на водоводен приклучок на бунарското подрачје Лепенец.