Москва се заканува: Изборот на соработка со Запад наместо со Русија ќе и нанесе непоправлива штета на Србија
Србија ја разбира вредноста на партнерството со Русија и изборот на соработка со Западот би бил штетен за Белград.
Ова се вели во коментарите на официјалната претставничка на руското МНР, Марија Захарова, дистрибуирани во понеделникот, пишуваат странските медиуми, пренесува Телеграф.
Дипломатот тврди дека емисари од Вашингтон, Брисел и другите западноевропски престолнини вршат притисок врз српските власти „буквално на дневна основа“.
„Националните интереси не се предмет на пазарење, Белград ја разбира независната вредност на руско-српското стратешко партнерство и затоа се воздржува од преземање практични мерки на штета на нашите односи“, рече Захарова.
„Логиката сугерира дека спротивниот избор неизбежно ќе биде придружен со непоправлива штета за самата Србија“, рече таа понатаму.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно истакна, како што јави ТАСС, „дека специјалната руска воена операција во Украина е причина за големиот притисок на Западот врз Србија“.
Тој исто така, како што се вели, нагласи дека Србија останала без сојузници на Запад токму поради отфрлањето на политиката на антируски санкции.