Москва тврди дека САД обучуваат луѓе за мешање во руските претседателски избори 2024

– Шефот на руското разузнавање, Сергеј Наришкин, денес истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) организирале специјална програма за руски алумни на американски програми за размена, со цел да ги обучат за активности за нарушување на претседателските избори во земјата закажани за 17 март.

Шефот на Службата за надворешно разузнавање (СВР), Наришкин, нагласи дека првиот семинар ќе се одржи од 16 до 18 февруари во главниот град на Летонија, Рига.

„Главен фокус е ставен на обуката на учесниците за методите за поттикнување етничка и социјална омраза, мешање во изборите и дискредитирање на раководството на Руската Федерација на социјалните мрежи“, рече Наришкин.

Според него, „посебно внимание“ ќе им биде посветено на прашањата за безбедната комуникација со американските „ментори“ – „разузнавачите што работат во американските амбасади во Москва и Рига под превезот на дипломатски претставништва“.

„Вашингтон, исто така, се надева дека ќе ги вклучи алумните во подготовката на нови механизми за притисок со санкции врз Русија“, рече тој.

Наришкин нагласи дека разузнавачките податоци покажуваат дека како што се приближуваат руските претседателски избори, американските власти „смислуваат сè пософистицирани начини за незаконско мешање во демократските процедури“.