Мурати и Митриќески добитници на државната награда „Св. Климент Охридски“

Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието денеска ѝ беше доделена на проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста на филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Наградите во Собранието на Република Северна Македонија ги додели Томислав Османли, претседател на Одборот за државната награда „Св. Климент Охридски“.

„Силно верувам дека образованието, науката и уметноста може да инспиририраат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи, заради тоа, се надевам дека еден ден во нашата земја ќе се отвори подлабока релација за вклучување на образованието, науката и уметноста“, рече Митриќески, заблагодарувајќи се за наградата.

На свеченоста „Св. Климент Охридски – извор на нашата духовност и образование“, која се одржа во Националната и универзитетска библиотека што го носи токму името на просветителот, ученик на браќата Кирил и Методиј и прв словенски епископ, се обрати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

„Најдобар начин да се оддаде почит на безвременското просветителско дело на патронот на македонската култура свети Климент Охридски е да се продолжи неговата мисија, а тоа е направено со успехот да се издигне македонскиот јазик на рамниште со јазиците во светот, а Македонската православна црква да биде еднаква со сите канонски православни цркви“, истакна премиерот.

Во пресрет на великиот црковен и државен празник – Денот на св. Климент Охридски, синоќа во „Музејот на македонската борба за самостојност“ се одржа свечена академија.

На Академијата слова произнесоа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Неговото блаженство Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, м-р Даријан Сотировски.

На Академијата присуствуваа митрополити, епископи и бројни свештенослужители на Македонската православна црква, видни претставници на Исламската верска заедница, претстојателот на Католичката црква и суперинтендентот на Евангелистичко-методистичката црква, претставници на останатите цркви и верски заедници, министри, пратеници, академици, градоначалници, раководители на владини и локални институции, членови на дипломатскиот кор, декани и продекани, професори, научни и културни работници, студенти, богослови и почитувачи на светиот лик и на незаменливото дело на великанот од нашиот крај и од нашиот род – светиот Климент, охридскиот чудотворец.