НАТО не се откажува! Столтенберг: Време е да ѝ дозволиме на Украина да гаѓа цели во Русија со западно оружје (фото)
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вчера во Прага изјави дека е време членките на алијансата да и’ дозволат на Украина да го користи оружјето што и’ е испратено за цели во Русија.
По пристигнувањето во Прага, каде вчера и денсс се одржува состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, Столтенберг изјави дека Украина како нападната земја има право да се брани на овој начин според меѓународното право и повелбата на ОН.
„Некои членки на НАТО воведоа ограничувања за испорачаното оружје, некои не, а тоа се национални одлуки. Но, бидејќи војната еволуираше и сега се води речиси на границата, во близина на Харков, верувам дека е време да се укинат тие ограничувања“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека укинувањето на ембаргото против Украина, за таргетирање цели во Русија со западно оружје, ќе биде само одраз на промената на карактерот на војната.
„Да имаме на ум дека Москва одлучи за таа војна и дека Украина, во согласност со меѓународното право и Повелбата на ОН, има право да гаѓа воени цели надвор од Украина“, рече Столтенберг.
Шефовите на дипломатиите на 32-те членки на НАТО на неформален состанок ќе се обидат да ги усогласат ставовите и да најдат консензус за одлуки во три области на самитот на алијансата во јули во Вашингтон.
„Најитната област е Украина. Членовите на НАТО и’ дадоа невидена помош и мислам дека (рускиот претседател Владимир) Путин ја потцени храброста и решителноста на Украинците да се борат. Тој ги потцени и сојузниците и нашето ветување дека ќе и’ помогнеме на Украина“, рече Столтенберг.
Лидерот на НАТО, сепак, предупреди дека тоа не е доволно бидејќи доцнат испораките за Украина или има паузи во одобрувањето на помошта и додаде дека затоа предлага Алијансата повеќе да се вклучи во координацијата на таа помош.
„Исто така, предложив механизам за финансирање, за помошта да биде што е можно потранспарентна и предвидлива за Украинците, за да знаат што ќе добијат. Тоа испраќа многу важна порака до Москва дека сме тука на долг рок“, рече Столтенберг.
Според него, на самитот во Вашингтон ќе има и партнери на НАТО од регионот на Пацификот, бидејќи „најдобри пријатели“ на Москва во војната против Украина се Иран, кој испорачува беспилотни летала, Северна Кореја, која ја снабдува Русија со муниција и Кина, што и’ помага на руската воена индустрија со снабдување со електронски компоненти.
„Русија не би можела да води војна против Украина без Кина“, додаде Столтенберг.
Една од трите главни теми на самитот во Вашингтон, како и на министерскиот состанок во Прага, е колективната одбрана, за која НАТО со години ги намалува трошоците во корист на странските мисии во Азија или на Балканот, но која беше донесена повторно во центарот на вниманието со руската анексија на Крим во 2014 година.
„Ги удвоивме борбените групи, ја зголемивме подготвеноста. Големата трансформација на НАТО мора да продолжи поради руската агресија. Сојузниците мора да инвестираат повеќе. Во извештајот за февруари, 18 од 32 земји-членки издвоиле два или повеќе отсто од БДП за одбраната. Тоа е најдобриот начин да покажеме дека ја зајакнуваме колективната одбрана“, рече Столтенберг.