Наумоски, шефот на кабинет на Шилегов, објави дека добил пресуда за клевета против градоначалничката Арсовска
Тој најави и дека сега ќе инсистира на отштета и што поголемо и посуштинско јавно извинување „од најдобрата менаџерка која некогаш чекорела по оваа скопска котлина“.
По објавата на Наумоски, со писмено соопштение испратено од електронската адреса на Град Скопје, се огласи градоначалничката Арсовска која вели дека пресудата што е пласирана во јавноста сè уште не била формално донесена и врачена
Никола Наумоски, поранешниот шеф на кабинет на ексградоначалникот на Скопје Петре Шилегов, информираше дека по речиси три години откако актуелната градоначалничка Данела Арсовска рекла дека тој ненаменски трошел градски пари, денеска добил пресуда за клевета во негова корист.
„Данела е лажга и клеветничка. Така пресуди судот денес, речиси три години откако Данела пред новинари и камери ме клеветеше дека сум трошел градски пари за да јадам и пијам по кафани“, напиша Наумоски на својот фексбук-профил обелоденувајќи ја веста за пресудата.
Тој вели дека во овие три години градоначалничката Арсовска „вешто ги избегнувала сите судски покани“ и одолговлекувала, а оти на крајот не приложила ниту еден доказ за наводното трошење.
„Иако на располагање ја има целата архива на градот и сите документи, таа не успеа да најде ниту една инкриминирачка сметка, фактура, налог, било што со што ќе може да ја поддржи нејзината лага“, додава Наумоски.
Наумоски вели дека не е правда тоа што после три години добил судска пресуда, спротивна од осудата во јавноста.
„На луѓе како Данела тоа не им е важно, затоа што се луѓе без образ, кои не ги болат лагите (или вистините) кажани во јавност за нив. Мене ме болеше, а и моите блиски“, пишува Наумоски.
Тој најави и дека сега ќе инсистира на отштета и што поголемо и посуштинско јавно извинување „од најдобрата менаџерка која некогаш чекорела по оваа скопска котлина“.
„Знам дека медиумите кои тогаш ја проследија оваа лага и кои не го објавија мојот тогашен демант, нема ни денес да се потресат за да ја објават одлуката на судот. Написите и ден денес стојат во нивните архиви“, додава Наумоски.
По објавата на Наумоски, со писмено соопштение испратено од електронската адреса на Град Скопје, се огласи градоначалничката Арсовска.
Таа вели дека пресудата што Наумоски ја пласирал во јавноста сè уште не била формално донесена и врачена. Таа го обвини Наумоски дека со ваквите информации побрзал да прејудицира судска пресуда и да навредува.
„Од неговата изјава дека пред новинари и камери бил клеветен дека трошел градски пари за бифтеци, а за тоа не бил до судот приложен ниту еден доказ, во прилог до јавноста доставуваме една од бројните сметки за од него потрошените градски средства кои беа доставени во постапката пред судот“, пишува во реакцијата на Арсовска.
Заедно со соопштението од Град Скопје испратија и сметка од скопски ресторан која е потпишана од Наумоски, во име на градот. Сметката е во износ од речиси 24 илјади денари. Но, ниту во маилот од Град Скопје, ниту на прикачениот документ нема информации за бројот на гостите и за поводот по кој градот ја организирал вечерата во ресторанот. На сметката ги има само нарачките, сумата и датумот, 11 мај 2019 година.
Арсовска во дописот до медиумите додава дека одлуки на судот Град Скопје нема да коментира, а за тоа дали е клевета изнесеното или не, рече дека ќе треба да се почека и официјалната првостепена пресуда на судството „во кое македонските граѓани имаат два отсто доверба“.