– Началникот на израелската војска изјави дека војната во Газа најверојатно ќе продолжи во текот на целата година.
Началникот на Генералштабот на армијата, Херзи Халеви, говореше за нападите на Израел врз Газа за време на посетата на окупираниот Западен Брег, се вели во соопштението на израелската армија.
Тој истакна дека 2024 година ќе биде „тешка“.
„Ќе бидеме во војна во Газа. Ќе се бориме во Газа цела година, тоа е сигурно“, нагласи тој.
Халеви посочи дека армијата, одговорна за враќањето на раселените лица во северен Израел, ќе ја изврши оваа задача „со притисок врз Хезболах“. Во спротивно, „ќе се разгори уште една војна“.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во саботата изјави дека армијата е фокусирана на „растурање на Хамас“ во централниот дел на Појасот Газа и на југот, што сугерира дека „воената структура на Хамас е целосно расформирана“ во северниот дел на Појасот Газа.
Израел започна воздушни и копнени напади врз Газа по прекуграничниот упад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври минатата година. Во израелските напади досега загинати се најмалку 22.800 Палестинци, а повредени се над 58.400.
Се смета дека во нападот на Хамас загинати се речиси 1.200 Израелци.
Израелските напади ја оставија Газа во урнатини, со 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, со речиси 2 милиони жители раселени, а постои и сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израелската војска соопшти дека од 7 октомври загинале вкупно 510 војници, од кои 176 од почетокот на копнената операција во Газа на 28 октомври.
На 24 ноември, 81 израелски и 240 палестински затвореници беа ослободени за време на „хуманитарната пауза“ која траеше четири дена, а потоа продолжена за уште три дена.
Израел продолжи да приведува и затвора илјадници Палестинци.
Од 7 октомври, вкупно 326 Палестинци се убиени во нападите на израелските сили и еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег и Ерусалим (Кудс).