“НАШИТЕ ДЕЦА НИ ГИ УБИЈА НА УЧИЛИШТЕ!“ – Голема група родители браат итно да се прекине наставата во ‘Владислав Рибникар’: “Децата се во депресија, нарушена е довербата…“
Група родители ја поддржаа иницијативата за завршување на учебната година во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, Србија – местото каде што се случи големиот масакар.
Група родители од ова училиште денес дадоа поддршка на иницијативата итно да се прекине наставата во основното училиште „Владислав Рибникар“ и да се заврши работната учебна година на 3. мај.
„Повеќе од 150 родители на ученици од ова училиште бараат учебната година да заврши до 3. мај 2023 година, како ден кога трагичниот настан насилно ја прекина нормалната настава. Се што се случи во училиштето по 3. мај 2023 година претставува само обид насилно да се врати нормалната состојба во училиштето“, се вели во соопштението од родителите за српските медиуми.
Како што се тврди, кризниот план „кој училишната управа се обидува да го спроведе по секоја цена“ има единствена цел да ги прикрие последиците од трагичниот настан. Родителите кои ја поддржуваат оваа иницијатива сметаат дека планот за продолжување на образованието кој се спроведува од 10. мај е штетен за развојот на голем број ученици, а единствено решение е итен прекин на наставата и крај на работната учебна година.
„Учебната година заврши на трагичен начин на 3. мај. Секој ден потоа не е продолжение на учебната година, туку вештачко преправање дека ништо не се случило. А, всушност се случи трагедија. Нашите деца беа убиени на училиште“, се вели во соопштението. Како што се додава, родителите за ваквиот став добиле поддршка од еминентни стручњаци од областа на невропсихијатријата и психотерапијата.
Во прилог на огласот стои мислењето на вештакот, невропсихијатар и судски вештак д-р. Зоран Ѓуриќ, кој исто така се залага децата од училиштето „Владислав Рибникар“ оваа учебна година да ја завршат во мај. Тој изјавил дека масовното убиство на девет врсници и еден чувар било силен стрес за учениците.
„Со ова злосторство беше нарушена емоционалната клима на другарство, игра, заедничко учење, безбедност и доверба. Некои деца беа сведоци на злосторството и беа ранети, некои преживеаја без повреди, некои беа на смена и ги слушнаа истрелите. Децата беа истрауматизирани, бидејќи директно биле сведоци на загубата на животот на нивните пријатели, други се секундарно истрауматизирани, бидејќи веднаш дознале за тоа“, изјавил д-р. Зоран Ѓуриќ.
Оваа состојба, додава тој, претставува посттрауматска реакција на катастрофален настан. Според неговото мислење, за да се смири и рехабилитира оваа посттрауматска реакција, неопходно е децата да не доаѓаат на училиште, на местото на злосторството, бидејќи тоа повторно ги трауматизира: им предизвикува неволни сеќавања на трауматскиот настан, им го нарушува сонот и соништата, ги принудува на однесување на избегнување – мора да се држат настрана од сите места, ситуации и содржини кои на кој било начин ги потсетуваат на злосторството, тоа ги прави депресивни.
„Затоа трауматизираните деца не треба да одат во училиштето каде што се случи злосторството. Тие не можат да размислуваат за учење сега. Тие треба да зборуваат за она што го доживеале, да плачат заедно, да тагуваат и да го разберат овој ужасен настан. Тие можат да се видат и со нивните професори на друг простор. Да разговараат, да слушаат објаснувања, да се тешат. Да поминуваат време во семејството, во љубовта и мирот, како што треба“, се вели во мислењето на експертот.