Најбаран човек во Европа, побегнал со 1,9 милијарди евра! Направил историска измама, па станал руски шпион (фото/видео)
Во градот Липецк, на 500 километри јужно од Москва, се наоѓа црквата на Светото Преображение Господово стара 200 години. Во неа свештеникот Константин Бајазов врши вообичаени обреди за своите верници. Константин ја наследил работата од својот татко, угледен православен свештеник кој, според локалната легенда, го оспорувал авторитетот на страшниот КГБ во советското време.
Константин е татко на три деца и патувал во странство, сакал да ја посетува Европа, а посебно го сакал Рим. Меѓутоа, тој не ја напуштил Русија од септември 2020-та година. Од тогаш пасошот на свештеникот Бајазов не му припаѓа нему. Му припаѓа на некој што носи поинаква бела крагна, многу личи на него и е најбаран човек во Европа, пишува „Insider“.
Јан Марсалек живее во Русија под лажен идентитет
Поранешниот главен оперативен директор на германската компанија за финансиски услуги „Virecard“ – Јан Марсалек, веќе повеќе од четири години живее во Русија под споменатиот лажен идентитет, покажала едногодишната истрага.
1,9 милијарди евра исчезнале мистериозно
„Virecard“, германски еквивалент на „PayPal“, некогаш вредел 28 милијарди долари. Потоа дошол јуни 2020-та година насред ревизија, „Virecard“, не успеал да лоцира имот од 1,9 милијарди евра за кој се тврдело дека е некаде во светот – во Русија, ОАЕ или на Филипините. Всушност, парите не постоеле. Сите провизии биле исплатени на сложена мрежа од офшор сметки кои ги контролирал вториот човек на компанијата во тоа време, Јан Марсалек.
Марсалек побегнал до Германија во Австрија, потоа во Белорусија, а потоа се појавил во Москва на 19-ти јуни 2020-та година, во време кога карантинот го отежнуваше патувањето. Меѓутоа, Марсалек не е само измамник, туку и агент на ГРУ, руската воена разузнавачка служба. И тоа цела деценија. Откако пребегал во Русија, исто така работел за „FSB“.
Живот на висока нога
Роден е во Виена на 15-ти март 1980-та година, а пораснал во предградието Клосернојбург. Таткото на Марсалек бил чешки фабрички работник кој на крајот станал генерален директор на компанијата во независна Чешка.
„Virecard“ е основана во 1999-та година во Минхен како процесор за плаќање со кредитни картички за онлајн продавници. Повеќето од приходите се однесувале на коцкање и порнографија, за кои корисниците плаќале со „Visa“ и „Mastercard“ картички, а „Virecard“ ги обработувал трансакциите и наплаќал провизија. Работејќи на сомнителните работи за „Virecard“, Марсалек живеел полн живот.
Пропатувал низ светот со приватен авион, забавувајќи ги соработниците и познаниците, трошејќи илјадници евра. Сè додека цела работа не се срушила во јуни 2020-та година, кога било откриено дека обработката на плаќањето на „Virecard“ воопшто не носела профит.
Во Русија запознал актерка и шпион
Марсалек почнал да патува во Русија работно во Русија уште во 2010-та година, понекогаш и до четири пати месечно. Во наредната деценија ја посетил Русија повеќе од 60 пати. Таму ја запознал 29-годишната русокоса Наталија Злобина. Родена е во Ташкент во Узбекистан, а се пробила како еротски модел и актерка во нискобуџетни филмови. Во меѓувреме, Злобина станала руски шпион.
Се помешале во руската социјална, политичка и деловна елита. Во Минхен, Марсалек бил во постојана врска со Виола, неговата германска свршеничка. Марсалек и Злобина заедно отвориле најмалку една компанија, фарма за рударење на криптовалути. Проектот го следел докажаниот метод за генерирање на приходи на Марсалек: Пирамидална шема во која на инвеститорите им се гарантира огромен принос во рок од шест месеци.
Во исто време, Злобина уживала необична државна заштита која обично се поврзува со руските разузнавачки оперативци. Ни денес не може да се влезе во траг на нејзините лични податоци. Дали намерно и свесно го завела Марсалек, или само го споила пријатното со корисното? Како и да е, Злобина на 6-ти јули 2014-та година наполнила 30 години. Тој ден, Марсалек се состанал со својот менаџер во ГРУ.
Неговиот живот може да се подели на периодот пред и после Сташа
На јахта во водите на Ница сретнал човек по име Станислав Петлински. Злобина му го претставила Петлински како Сташа, генерал на ГРУ. Во тоа време Петлински излегувал со нејзината најдобра пријателка, а таа му ветила на Марсалек дека Сташа ќе му дојде добро како контакт во Русија.
Петлински бил офицер во ГРУ, а во 90-тите се борел во Чеченија. Западните разузнавачки служби не се сомневаат дека тој работи за руските служби. Подоцна тврдел дека Марсалек бил опседнат со светот на шпионите и дека замислувал дека работи за руската служба, но признал дека го запознал со многу живописни ликови во Русија. Пријателите на Марсалек велат дека неговиот живот може да се подели на пред и после Сташа. Често патувале заедно, а Злобина ги следела.
Повеќето од нивните патувања во странство биле означени како „официјална посета на дипломатска мисија“, категорија која обично е резервирана за службеници од руското министерство за надворешни работи. Петлински во еден момент дури и им кажал на пријателите дека ја преселил својата болна мајка на клиника во Минхен само за да биде поблиску до Марсалек.
Врска со Вагнер на Пригожин
Петлински го запознал Марсалек со крупен човек по име Анатолиј Каразиј. Бил офицер на специјалните сили на ГРУ. Веројатно заедно служеле во Чеченија. Каразиј припаѓал на платеничката група која подоцна се прославила на бојните полиња во источна Украина во 2014-та. Се нарекувала Вагнер, а ја основал угостителскиот магнат и поранешен затвореник Јевгениј Пригожин, пријател на Путин од неговиот роден Санкт Петербург.
Каразиј бил шеф на разузнавачката служба на Вагнер. Тројката заедно со други руски агенти посетувала бојни полиња на Блискиот исток и во Сирија, а Марсалек им бил потребен да го прикрие фактот дека руските разузнавачки служби финансираат паравоени сили во Либија, Сирија и Ирак и други нестабилни земји преку своите западноевропски земји, контакти и канали на трансакција.
Марсалек во своите активности користел услуги на поранешни разузнавачки службеници, како Мартин Вајс, кој бил шеф на отсек во подоцна распуштената австриска безбедносна служба БВТ, официјално позната како Сојузна канцеларија за заштита на уставот и борбата против тероризмот.
Вајс имал пристап до сите релевантни доверливи информации кои ги собирал БВТ или му ги предале странски сојузнички служби. Марсалек пензионираниот Вајс го ангажирал како консултант во 2018-та година.
Вајс бил уапсен и испрашан по смртта на „Virecard“ и бегството на Марсалек од Европа. Моментално живее во Дубаи. Австриските инспектори откриле дека Вајс и Марсалек бил дел од разузнавачка ќелија чии капацитети и можности ги користела руската разузнавачка служба.
Бегство од Германија
Во тоа време, услугите на „Virecard“ ги користела германската Федерална канцеларија на криминалистичката полиција, давајќи им на Марсалек и руските служби пристап до чувствителни податоци, како што се листи на германски полициски доушници и различни доверливи извештаи.
Во јуни 2020-та година „Virecard“ морал да признае дека не може да ги објасни исчезнатите милијарди и мрежата на Марсалек почнала да се руши. Неколку дена подоцна, Марсалек се сретнал со Вајс во Минхен за да испланира бегство од Германија.
Планот бил да се лета од аеродромот Бад Вослау кај Виена. Марсалек влегол во мал приватен авион, плаќајќи им на пилотите 8.000 евра. Дестинацијата била Минск, па Москва. Петлински бил мозокот на бегството на Марсалек.
Во Службата за миграција во Москва, Марсалек добил нов пасош на име Константин Бајазов, православен свештеник од Липецк. Патот потоа води до Крим. Петлински подоцна рекол дека навистина бил на Крим тоа време, но дека немал никаква врска со бегството на Марсалек. Исто така рекол дека не комуницирал директно со Марсалек по неговото преселување во Русија.
Ги откриле резултатите од анализа на крвта
Ова тврдење го оспоруваат новите докази до кои дошол „Insider“ – резултати од тест на крвта. Во јануари 2021-ва година, мистериозен човек по име Александар Шмит повикал медицинска сестра од руска лабораториска франшиза во еден пентхаус и барал да му се земе крв и да се направат тестови.
Станот всушност му припаѓал на Петлински, кој сега има нови официјално име – Борис Грин. „Александар Шмит“ не постои. Ова е алијас со кој Марсалек патувал со фалсификуван француски пасош. Бројот на пасошот кој Шмит и го дал на медицинската сестра – што е обврска по рускиот закон – припаѓа на Јекатерина Куликова, долгогодишна помошничка и пријателка на Петлински.
Само еден месец подоцна, 28-ми февруари 2021-ва, уште еден фантом во истиот стан ја тестира крвта. Овој пат за ХИВ и сифилис. Името на тестираната личност е Виталиј Малкин. Како Бајазов, бил свештеник од рускиот град Владимир. Малкин непосредно пред прегледот соопштил дека пасошот му е украден и договорил издавање на нов. Марсалек го користел својот стар пасош.
Вистинскиот Виталиј Малкин за „Insider“ рекол дека не го познава Петлински и дека никогаш не се тестирал за сифилис. „Insider“ ги споредил крвните наоди на Малкин со оние на Александар Шмит. Веројатноста дека овие двајца се истиот човек е огромна, а Марсалек ги преземал нивните идентитети со помош на руските служби.
Вистинскиот свештеник Бајазов изненадено рекол дека не може да одговори на ниедно прашање затоа што неговиот пасош сега му припаѓа на друг човек, кој е на листата за најбарани на Интерпол.
Британските обвинители објавиле дека од 30-ти август 2020-та до 8-ми февруари 2023-та година Марсалек водел шпионски ланец на бугарски државјани, од кои шест биле уапсени во Лондон во февруари во 2023-та година. Марсалек ги плаќал во криптовалути, и со кеш преку курирска служба. Бугарите шпионирале за руската влада, по директни инструкции на Марсалек во Англија, Црна Гора и Австрија.