Најмалку 16 жртви во руските напади врз областа Херсон

 – Најмалку 16 лица загинаа, а 22 се ранети во денешните опсежни руски напади врз јужниот украински регион Херсон, соопшти украинското обвинителство.

Украинските власти најавија од петок навечер воведување полициски час во истоимениот главен град на областа.

– Масовни напади на окупаторите врз цивили во регионот Херсон – билансот се искачи на 16 загинати, соопшти регионалното обвинителство преку Телеграм.

Како што е наведено, околу 22 други лица биле ранети во тие напади врз цивилната инфраструктура.

Според властите, во два напади врз супермаркет и железничка станица во градот Херсон, во близина на линијата на фронтот, имало најмалку четворица загинати и неколку повредени, а во друго гранатирање биле убиени три лица кои работеле на поправка на енергетски објект во тој регион. Засега не се детално наведени сите руски напади во таа област.

Според шефот на локалната воена управа, Олександр Прокудин, Херсон сè уште е цел на руски артилериски напади.

Градот, кој беше окупиран од руските трупи неколку месеци во 2022 година, беше ослободен во ноември минатата година со успешна украинска контраофанзива во регионот.

Оттогаш, Херсон е под редовно руско гранатирање, а руската армија е само од другата страна на реката Дњепар, која ја формира природната линија на фронтот.

Прокудин, исто така, денеска објави 58-часовен полициски час во Херсон од петок навечер, додека Киев ги завршува подготовките за голема офанзива.

Тој рече дека полицискиот час ќе биде од 20:00 часот на 5 мај до 06:00 часот на 8 мај. Во тоа време ќе биде забрането движење низ улиците на градот и ќе биде забрането влегување и излегување од градот.

Тој ги оправда овие привремени ограничувања со тоа што безбедносните сили треба да ја завршат својата работа.

Соопштението на властите дојде откако Киев најави дека „ги привршува“ подготовките за голема офанзива за враќање на териториите окупирани од Русија на исток и југ.