Промените во когнитивните способности често се припишуваат на нормалното стареење, па затоа многу луѓе не ги препознаваат раните знаци на невродегенеративни заболувања. Сепак, лекарите предупредуваат дека занемарените симптоми можат да ја одложат дијагнозата и со тоа да ја намалат можноста за забавување на развојот на болеста. Еден од симптомите што најчесто се занемарува не е заборавеноста, туку нешто многу потивко – но подеднакво важно.
Неврологот д-р Адел Азиз објаснува дека апатијата – губење на мотивацијата и намален интерес за секојдневните активности – е еден од најраните, но често непрепознаени знаци на деменција, особено фронтотемпорална.
„Лице кое порано организирало друштвени собири или често се јавувало кај пријателите, едноставно престанува да покажува интерес“, вели д-р Азиз за Параде. Таквото однесување често се погрешно толкува како замор, срамежливост или желба за осаменост, и затоа останува незабележано.
Невролозите нагласуваат дека апатијата може да биде резултат на промени во деловите од мозокот одговорни за мотивација, но и на надворешни фактори како што се чувството на беспомошност.
Апатијата сама по себе не мора да значи дека лицето има деменција
Неврологот д-р Даниел Лесли истакнува: „Луѓето можат да се чувствуваат бескорисно или како товар, а сè да им изгледа како преголем напор.“ Освен што е ран знак на деменција, апатијата е поврзана и со побрз когнитивен пад, бидејќи луѓето избегнуваат активности што го одржуваат менталното здравје – како што се дружење, вежбање и квалитетен сон.
Според неврологот д-р Катерина Амодео, апатичното однесување вклучува губење на интерес за работи што некогаш ја правеле личноста среќна, занемарување на личната хигиена или намалена грижа за одговорностите. Сепак, важно е да се знае дека апатијата сама по себе не мора да значи дека лицето има деменција – таа може да биде и знак на депресија или други состојби, како што се исцрпеност и ниска самодоверба.
Доколку се забележат други симптоми, како што се промени во меморијата, говорот и расположението, се препорачува консултација со лекар.
„Вие заслужувате поддршка за вашето ментално здравје“, заклучува д-р Амодео.