НЕМОЖЕШЕ ПОВЕЌЕ ДА МОЛЧИ: Салах бара да им се помогне на луѓето од Газа, објави емотивно видео, има порака до светските лидери

Најдобриот фудбалер на Ливерпул, Египјанецот Мохамед Салах објави порака во емотивно видео, адресирана до светските лидери.

Салах како една од најголемите фудбалски ѕвезди на денешницата ги осуди израелските напади врз палестинските цивили во претходните денови.

„Не е секогаш лесно да се зборува во вакво време каде има премногу насилство. Ескалацијата на насилството и масакрот на кој сум сведок мора да престане, веднаш да се дозволи хуманитарна помош во Газа. Луѓето живеат во ужасни услови, Сцените од болницата претходната вечер беа ужасни“, рече Салах и додаде:

„На луѓето во Газа им треба храна, вода и медицински материјали. Ги повикувам светските лидери да престанат со убиствата на невини луѓе, ова мора да се запре“.

Објавата на Салах доаѓа откако поранешната ѕвезда на Астон Вила и Евертон, Анвар Ел-Гази e суспендиран од новиот клуб Мајнц, откако тој „зазеде став“ за тековниот конфликт.

Ел Гази, кој му се приклучи на Мајнц дури во септември, го налути клубот од Бундеслигата споделувајќи пропалестинска објава на својата приказна на Инстаграм пред да ја избрише.

Претходно оваа недела поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед Ерик Кантона ја изрази својата солидарност со народот на Палестина. Тој сподели објава на активистот Најва Зебијан, кој повика на разбирање од двете страни. Објавата, исто така, ја објасни разликата помеѓу желбата за слобода за Палестина и одобрувањето на акциите на Хамас.

Болница во Газа беше бомбардирана во ужасен инцидент во вторникот во кој загинаа најмалку 500 луѓе. Прстот е вперен во Израел за нападот.